Еве го предлог законот- има само 18 члена а казните се огромни
..................
ЗАКОН ЗА ЗАБРАНА И СПРЕЧУВАЊЕ НА ВРШЕЊЕ НА НЕРЕГИСТРИРАНА ДЕЈНОСТ
I. Општи одредби
Член 1
Со овој закон се уредува што е вршење на нерегистрирана дејност, исклучоците кои не ја опфаќаат таа забрана, соучесниците во вршењето на нерегистрирана дејност, надлежните органи за постапување при спречување и заштита на појавата на неригистрирана дејност, инспекциски надзор над спроведувањето на овој закон, управните мерки за заштита, како и прекршочните одредби.
Член 2
(1) Правно лице во смисла на овој закон се смета: трговското друштво, подружница организирана од странско трговско друштво, задруга, установа и друго правно лице кое врши дејност.
(2) Физичко лице во смисла на овој Закон е трговец поединец, физички лица кои се занимаваат со земјоделска дејност, со занаетчиска дејност, лица кои вршат услуги или слободни занимања и друго физичко лице кое врши дејност.
Член 3
Одредбите на овој Закон се однесуваат и на правни и на физички лица кои има седиште или престојувалиште надвор од територијата на Република Македонија, а својата дејност ја вршат на подрачјето на Република Македонија.
Член 4
Значење на употребени поими
Одделните изрази употребени во овој закон го имаат следното значење:
-„Работа за сопствени потреби’’ се смета активноста која непосредно ја извршуваат одговорните лица или вработените во правните лица или физичкото лице кое врши регистрирана дејност заради одржување, поправка или подобрување на работните простории кои се во сопственост или под закуп ги користи правното или физичкото лице, како и отстранување и спречување на дефекти на подвижни предмети кои се во сопственост или кои под закуп ги користи правното или физичкото лице.
-,,Семејна помош’’ се смета активноста која непосредно ја врши физичкото лице во корист и за интерес на лицето со кое е во роднинска врска или однос на старателство, како и на лицето со кое живее во заедничко домаќинство, без оглед на тоа дали се во роднинска врска или старателство.
-,,Регистар на други правни лица” е регистар кој го води Централниот регистар согласно Законот за едношалтерски сиситем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица.
-,,Соседска помош’’ се смета вршење на работа помеѓу соседите кога помеѓу нив не постои склучен договор за работа, односно работата се врши без плаќање или друга материјална корист, истата не се врши редовно и истата да не ја вршат правни или физички лица регистрирани за таа дејност и работата да не се врши како одговор на објавен оглас.
II.Вршење нерегистрирана дејност
Член 5
Се забранува вршење на нерегистрирана дејност на правни и физички лица утврдена со овој закон.
Член 6
(1) За нерегистрирана дејност во смисла на овој закон се сметаат следниве активности:
-кога правното лице извршува дејност која не е запишана во другите посебни регистри утврдени со закон, освен трговскиот регистар,
- кога правното лице нема законски пропишан акт за исполнување на условите за вршење на регистрирана дејностиздадени од надлежен орган во согласност со закон,
- кога физичкото лице врши дејност која не е регистрирана кај надлежен орган,
- кога физичкото лице не поседува законски пропишан акт со кој ги исполнува условите за вршење на регистрирана дејност издадени од надлежен орган во согласност со закон и
- кога правното или физичкото лице врши дејност спротивно на забраната на вршење дејност изречена од надлежен орган.
(2) Согласно со ставот (1) од овој член нема да се смета за вршење на нерегистрирана дејност вршењето на други дејности кои што се потребни за извршување на дејноста која е запишана во трговскиот или друг со закон предвиден регистар, или вообичаено се извршуваат заедно со регистрираната дејност.
(3) Согласно со ставот (1) од овој член нема да се смета за вршење на нерегистрирана дејност повременото вршење на дејност за која со посебен закон е исклучена обврската за регистрација на дејноста кај надлежен орган и во Министерството за финасии - Управата за јавни приходи.
(4) Согласно со ставот (1) од овој член нема да се сметаат за вршење на нерегистрирана дејност следните активности: работа за сопствени потреби, семејна помош, соседска помош, продажба на лични користени предмети,работа која се врши без финансиски надоместок или друга материјална корист и ако работата не се извршува континуирано.
(5) Согласно со ставот (1) од овој член нема да се смета за вршење на нерегистрирана дејност на физички лица кои вршат дејност на зелените пазари, запишани во регистараот на Управата за јавни приходи и кој се оданочуваат за дејноста што ја вршат.
(6) Согласно со ставот (1) од овој член нема да се смета за вршење на нерегистрирана дејност и извршувањето на нужна работа за спречување на несреќи или отстранување на последици од природни и други несреќи.
Член 7
Правното или физичкото лице кое овозможува вршење на нерегистрирана дејност согласно со членовите 6 и 8 од овој закон се смета за соучесник во извршувањето на нерегистрираната дејност.
Член 8
(1) Согласно со овој закон за соучесник во вршењето на нерегистрираната дејност ќе се смета и физичко или правно лица кое нарачува или посредува за вршење на нерегистрирана дејност, ако физичкото или правното лице знаело или можело да знае дека станува збор за вршење на нерегистрирана дејност.
(2) Нарачателот е должен при нарачувањето на огласот да наведе податоци за идентификација: тековна состојба од Централен регистар за регистрација на соодветната дејност или документ за регистрирана дејност, односно доказ за упис во соодветен регистар на дејност за физички лица.
(3) Се забранува објавувањето на оглас доколку нарачателот на огласот не достави податоци за идентификација согласно со ставот (2) на овој член.
(4) Субјектот кој го врши огласувањето има обврска за чување на податоците за идентификација во рок од една година од објавување на огласот.
(5) Субјектот кој го врши огласувањето има обврска на барање на органите на надзор да им дозволи да извршат увид во податоците за идентификација на нарачателот на огласот.
(6) Ако огласувачот не постапи согласно со овој член се смета за соучесник.
III. Инспекциски надзор
Член 9
(1) Инспекциски надзор над спроведувањето на овој закон вршат органите на државната управа надлежни за работите на инспекциски надзор кои ги координира Инспекцискиот совет и Управата за јавни приходи.
(2) За утврдените прекршоци согласно овој закон овластените подносители поднесуваат барање за поведување на прекршочна постапка до прекршочните комисии или надлежен суд за одлучување по законите и другите прописи од соодветната дејност.
IV.Управни мерки
Член 10
(1)Во спроведување на инспекцискиот надзор од членот 9 од овој закон,надлежниот инспектор на лице место констатира дека се врши нерегистрирана дејност, ќе состави записник за утврдената фактичка состојба и ќе донесе решение за забрана на вршење на нерегистрираната дејност во траење од 30 дена или до денот на регистрацијата кога:
- правното лице извршува дејност која не е запишана во другите посебни регистри утврдени со закон, освен трговскиот регистар;
- правното лице нема законски пропишан акти за исполнување на условите за вршење на регистрирана дејност издадени од надлежен орган во согласност со закон;
- физичкото лице врши дејност која не е регистрирана кај надлежен орган;
- физичкото лице не поседува законски пропишан акт со кој ги исполнува условите за вршење на регистрирана дејност издадени од надлежен орган во согласност со закон и
- правното или физичкото лице врши дејност спротивно на изречената забрана за вршење дејност изречена од надлежен орган.
(2) Доколку правното или физичкото лице неовластено го отстрани запечатувањето на работните простории или простори од деловен карактер, инсталациите, уредите и другата опрема за работа или опрема која е наменета за работа или за друг погоден начин соодветно ќе се применуваат одредбите од Кривичниот законик.
(3) Решението од ставот (1) на овој член се извршува без одлагање по извршениот инспекциски надзор со запечатувањена работните простории или простори од деловен карактер, инсталациите, уредите и другата опрема за работа или опрема која е наменета за работа или за друг погоден начин. Кога околностите на случајот тоа го бараат, запечатувањето на работните простории или простори од деловен карактер по исклучок може да се спроведе најдоцна во рок од три дена од денот кога е извршен инспекцискиот надзор односно од денот кога е издадено решението.
(4) Органите на државната управа надлежни за работите на инспекциски надзор кои ги координира Инспекцискиот совет и Управата за јавни приходи се должни меѓусебно да ги разменуваат податоците.
`(4) Управата за јавни приходи во вршење на работите од својата надлежност во даночна постапка кај нерегистрирани даночни обврзници е должна за истото да достави известување до органите на државната управа надлежни за работите на инспекциски надзор кои ги координира Инспекцискиот совет.
(5) Против решението од ставот (1) на овој член може да се изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос од втор степен во рок од осум дена. Жалбата не го одложува извршувањето на решението.
Порамнување
Член 11
За прекршоците утврдени во овој закон, надлежниот државниот инспектор е должен на сторителот на прекршокот, пред да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка да му предложи постапка за порамнување согласно со Законот за прекршоците.
Одземање на предмети
Член 12
(1)Ако при инспекцискиот надзор се утврди повреда на член 6, 7 и 8 од овој закон на сторителот на прекршокот – правно или физичко лице привремено ќе му се одземат предметите, опремата и средствата со кој е направен прекршокот или настанале како резултат на сторување на прекршокот.
(2) Инспекцискиот орган за одземените предмети, опрема и средства на сопственикот му издава потврда за привремено одземените предмети, опрема и средства и е должен да му ги предаде на надлежниот суд за понатамошно постапување.
(3) Привремено одземање на предмети, опрема и средства од сторителот на прекршокот може да се изврши само доколку се исполнети условите од член 13 став (4) од овој закон.
Мандатна казна
Член 13
(1) За прекршокот од член 6 од овој закон се одредува мандатна казна во висина од 1.500 евра во денарска противвредност, а за прекршок од член 7 и член 8 од овој закон се одредува мандатна казна во висина од 1.000 евра во денарска противвредност.
(2) Кога службеното лице што врши инспекциски надзор ќе утврди дека сторителот на прекршокот сторил прекршок од член 6, 7 и 8 од овој закон, на сторителот на прекршокот на лице место ќе му врачи мандатен платен налог во кој се наведени битните елементи согласно Законот за прекршоци.
(3) Ако сторителот доброволно не ја плати глобата од ставот (1) на овој член, или во рок од осум дена, мандатниот платен налог има сила на извршна исправа и службеното лице ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување.
(4) Ако сторителот на прекршокот го повтори прекршокот или направи нов прекршок утврден со овој закон во рок од една година, за повторениот или новиот прекршок надлежниот орган ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка согласно закон.
(5) За сторените прекршоци утврдени со овој закон се водат посебни регистри кај органите што вршат надзор над овој закон, чии податоци се должни да ги достават до Инспекцискиот совет кој води единствен регистар. Форма и содржина на посебните регистарот ќе ја пропише министерот надлежен за работите од соодветната област, а за единствениот регистар Инспекцискиот совет, со правилник во рок од шест месеци од влегувањето во сила на овој закон.
V. Прекршочни одредби
Член 14
(1)Глоба во износ од 6.000 до 9.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на работодавач-правно лице:
- кога правното лице извршува дејност која не е запишана во другите посебни регистри утврдени со закон, освен трговскиот регистар (член 6 став (1) алинеја 1);
- нема со закон пропишан акт за исполнување на условите за вршење на регистрирана дејност или (член 6 став (1) алинеја 2)и
- врши дејност спротивно на забраната на вршење дејност (член 6 став (1) алинеја 5 ).
(2) Глоба во износ од 30% во денарска против вредност од одмерената глоба за прекршокот од став (1) од овој член ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице.
(3) Глоба во износ од 3.000 евра во денарска против вредност ќе му се изрече за прекршокот од став (1) од овој член на работодавач- физичко лице.
Член 15
Глоба во износ од 6.000 до 9.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичкото лице ако :
- врши дејност која не е регистрирана кај надлежен орган (член 6 став (1) алинеа 3)
- врши дејност за која нема со закон пропишан акт за исполнување на условите за вршење на регистрирана дејност (член 6 став (1) алинеа 6)
- врши дејност спротивно на забраната на вршење дејност (член 6 став (1) алинеја 5 ).
Член 16
(1) Глоба во износ од 3.000 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот на работодавач-правно лице ако:
- на друг како соучесник овозможува извршување на нерегистрирана дејност (член 7).
(2) Глоба во износ од 30% во денарска против вредност од одмерената глоба за прекршокот од став (1) од овој член ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице.
(3) Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска против вредност ќе му се изрече за прекршокот од став (1) од овој член на работодавач- физичко лице.
(4) Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска против вредност ќе му се изрече за прекршокот од став (1) од овој член нa физичко лице.
Член 17
(1) Глоба во износ од 3.000 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот на работодавачот правно лице ако:
-е соучесник во вршење на нерегистрирана дејности (член 8 став (1));
-при нарачувањето на огласот правното лице како нарачателот не наведе податоци за идентификација: фирма, седиште на фирмата, единствен матичен број на субјектот, име е презиме на одговорно лице или име и презиме на нарачателот, негово живеалиште односно престојувалиште (член 8 став (2));
-објавил оглас без да нарачателот на огласот достави податоци за идентификација за фирма, седиште на фирмата, единствен матичен број на субјектот, име е презиме на одговорно лице или име и презиме на нарачателот, негово живеалиште односно престојувалиште (член 8 став (3));
-субјектот кој го врши огласувањето не ги чува податоците за идентификација во рок од една година од објавување на огласот ( член 8 став (4)) и
- субјектот кој го врши огласувањето на барање на органите на надзор не дозволи да извршат увид во податоците за идентификација на нарачателот на огласот (член 8 став (5)).
(2) Глоба во износ од 30% во денарска против вредност од одмерената глоба за прекршокот од став (1) од овој член ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице.
(3) Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска против вредност ќе му се изрече за прекршокот од став (1) од овој член на работодавач- физичко лице.
4) Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска против вредност ќе му се изрече за прекршокот од став (1) од овој член нa физичко лице.
Член 18
(1) Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во ,,Службен весник на Република Македонија’’.