29.12.2014 | 15:43
Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 29. седница во второ читање го усвои Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност чија цел е намалување на сивата економија, зголемување на бројот на работни места, унапредување на работничките права, сузбивање на нелојалната конкуренција, намалување на затајувањето и евазија на данок и заштита на потрошувачите, пренесува МИА.
Тој треба да го спречи вршењето нерегистрирани дејности од поголем обем, а не ги опфаќа работата и услугите во домаќинствата, работата за сопствени потреби, соседската помош и семејната помош, работата во итни и вонредни ситуации…
Со овој закон треба да се овозможи поголема заштита на работничките права, да се влијае на поттикнување на формалната и намалување на неформалната економија и да се обезбеди подобри услови за развој на претпријатијата и зголемување на бројот на пријавени работници за да можат да си го остварат своето право на здравствено осигурување или можност за остварување семејна или инвалидска пензија.
Со законското решение се дефинира нерегистрираната дејност како дејност која ја врши правно лице кое не е запишано во посебните регистри утврдени со закон, не поседува законски пропишан акт, вршење дејност од страна на физичко лице која не е регистрирана кај надлежен орган, како и вршење дејност од страна на физичко лице без да поседува пропишан акт за исполнување на условите за вршење на дејноста, како и кога правни и физички лица вршат дејност спротивно на забраната за вршење дејност изречена од надлежен орган.
Со законот се утврдуваат и повеќе исклучоци, односно за нерегистрирана дејност нема да се смета работа за сопствени потреби, семејна и соседска помош, продажба на лични и користени предмети, работа која се врши без финансиски надомест или друга материјална корист, работа која не се извршува редовно, изведувањето и презентирањето на творештвото на уметниците. За нерегистрирана дејност нема да се смета ниту дејноста која ја вршат физички лица преку продажни места на организирани зелени пазари кои се регистрирани во УЈП, како и услугите за потребите на домаќинствата, како за поправки, ангажирање куќни помошнички.
Законот треба да ги опфати поголемите неплаќачи на даноци и социјални придонеси, кои индиректно вработуваат други работници за кои не плаќаат никакви давачки, не се осигурани. На таков начин, појасни, освен што ќе се овозможи унапредување на правата на работниците, ќе се создават услови и за намалување на нелојалната конкуренција, но и сивата економија.
Предвидени се и прекршочни одредби и казни. Доколку надлежните констатираат вршење нерегистрирана дејност да состават записник и да донесат забрана за вршење на дејноста додека не се регистрира кај надлежен орган, во период не подолг од 30 дена. Прекршочните одредби предвидуваат глоба во износ од 10 до 20 илјади евра во денарска противредност за работодавач правно лице кое врши нерегистрирана дејност, глоба во износ од 3 до 10 илјади евра за физичко лице кое врши нерегистрирана дејност како и глоба во 2 до 3 илјади евра за работодавач ако овозможува извршување нерегистрирана дејност односно ако е соучесник.
Законот ќе почне да се применува три месеци по неговото донесување.
Во второ читање Собранието ги усвои измените и дополнувањата на законите за Централен регистар, за угостителска дејност и за контрола на извозот на стоки и технологии со двојна употреба.
Измените и дополнувањата на Законот за Централен регистар треба да утврдат надлежност на Централниот регистар да води прекршочна постапка и да изрекува прекршочна санкција и да ги пропише условите за формирање прекршочна комисија во рамките на Централниот регистар и нејзините надлежности за изрекување на прекршочните санкции за прекршоците кои се утврдени со Законот за трговските друштва.
Пратениците ги усвоија во второ читање и законските измени за административни службеници и за вработените во јавниот сектор, за домување, за постапување со бесправно изградени објекти и за просторно и урбанистичко планирање.
Собранието ќе ја продолжи седницата по редовната едночасовна пауза.
извор:Курир.мк