1602.Роден е германскиот физичар и пронаоѓач Ото фон Герике. Тој прв го демонстрираше вакуумот и го прикажа прочуениот експеримент за воздушниот притисок. Ото фон Герике ги изуми воздушната пумпа, воздушната вага и барометар.
1759 Британската флота ја порази француската флота во заливот Киберон во текот на седумгодишната војна. По овој пораз Франција го изгуби преостанатиот дел од Канада и мораше да се повлече од Индија во корист на Британија.
1780 Велика Британија и објави војна на Холандија бидејќи на американските бунтовници во бродовите им дотураше француско и шпанско оружје.
1818 Латиноамериканскиот револуционер и државник Симон Боливар ја објави независноста на Венецуела од Шпанија.
1858 Во Морбака, област Вермланд, е родена Селма Отилија Ловиса Лагерлеф, шведска писателка, прва жена добитник на Нобеловата награда за литература во 1909 година. Умре во Морбака, на 16 март 1940 година.
1865 Во Рио де Жанеиро умре Франческо Маноел да Силва, бразилски композитор. Роден е во Рио де Жанеиро, на 21 февруари 1795 година.
1870 Германските сили го опколија Париз за време на Француско-пруската војна, во која Франција претрпе низа порази.
1873 Се соединија соперничките градови Будим, на десниот брег на реката Дунав и Пешта, на левиот, па така е создаден единствениот град Будимпешта, денес главен град на Република Унгарија и еден од најубавите градови во средна Европа.
1894 Умре рускиот композитор и пијанист Антон Григоријевиќ Рубинштајн, основач на Конзерваториумот во Петроград, еден од најголемите пијанисти на 19. век. Компонираше опери, клавирски композиции, соло песни.
1903 Во Честахов, Полска, е родена д-р Елена Етингер Каваева, еден од основположниците на медицинската заштита на охридско-струшкиот крај и во Македонија, активен учесник во Октомвриската социјалистичка револуција во Русија, личен пријател на Ленин и помагач на НОВ. Заедно со својот сопруг д-р Владимир Каваев влезе во енциклопедијата на медицинските науки. Умре во Охрид, на 2 февруари 1983 година.
1906- Во Велес е роден Живко Фирфов, македонски етномузиколог, композитор, музиколог, диригент и музички деец. Музичка школа заврши во Белград во 1931 година. Во 1939 година ја објави својата прва етномузиколошка студија во списанието "Музика", за интерпретација на македонската народна песна и за мелогравската постапка при нејзиното собирање. Особено беше ангажиран во создавањето на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија "Танец". Умре во Скопје на 21 јули 1984 година.
1910 Умре рускиот писател Лав Николајевич Толстој, еден од најголемите книжевници во историјата. Првото дело го напиша на Кавказ, каде како доброволец се бореше против Турците. По Кримската војна, во која беше офицер, се повлече на семејниот имот Јасна Пољана. Дела: „Војна и мир“, „Ана Каренина“, „Козаци“, „Кројцерова соната“, „Хаџи Мурат“, „Народни приказни“, „Царството на темницата“, „Мојата исповед“, „Не можам да молчам“ и други.
1916 Во Дебар е роден Васил Куноски, македонски писател. Неговото поетско дело за деца е мошне обемно. Првата негова објавена книга (во 1950 г.) е поемата „Волшебното ливче“, а последната е публикувана во 1984 година со наслов „Оро весело“ (поезија за предучилишна возраст). Умре во Скопје, на 13 јуни 1993 година.
1919 Во Берлин илегално почна Првиот меѓународен конгрес на младинските организации на 13 земји на кој е основана Комунистичката младинска интернационала.
1925 Роден е американскиот политичар Роберт Френсис Кенеди, кој стана министер за прада кога неговиот брат Џон беше избран за претседател на САД. Беше убиен во Лос Анѓелес во 1968 година во текот на претседателската кампања, по неполни пет години од атентатот во кој беше убиен неговиот брат. Од 1951 работеше во криминалистичкиот уред на Министерството за правда, а во 1954 година стана член на Постојаниот сенаторски истражен поткомитет. Од 1961 до 1964 година беше министер за правда, по што во државата Њујорк беше избран за сенатор.
1925 Родена е руската балерина Маја Михајловна Плисецкаја, која го спои традиционалното руско кореографско школо со модерните текови на рускиот балет. Како долгогодишна примабалерина во театарот „Болшој“ во Москва, креира исклучителни играчки сензибилни партии на класичниот репертоар како што се „Дон Кихот“, „Лебедовата смрт“, „Лебедово езеро“, „Ромео и Јулија“, „Иван Грозни“, а со сопругот композиторот Родион Шчедрин, ја постави балетската верзија на „Ана Каренина“ на Толстој.
1945 Пред Меѓународниот суд во Нирнберг започна судењето на нацистичките воени злосторници. Одговараа 24 германски воени злосторници, од кои 12 беа осудени на смрт со бесење, тројца беа ослободени, еден изврши самоубиство во затвор, а на другите им беа изречени времени казни. Процесот е значаен како прв во историјата во кој агресијата е осудена како злосторство против човештвото, а виновниците казнети.
1945 Сојузната контролна комисија дозволи преселување на шест милиони Германци од Полска, Чехословачка и Унгарија во Западна Германија.
1952 Во Неапол умре Бенедето Кроче, италијански филозоф, историчар, литературен критичар и државник. Се обиде да го ревидира марксизмот и отворено истапуваше против него, а беше и противник на фашизмот. Најпознати негови дела се „Филозофијата како наука“; „Филозофијата на практиката, економијата и етиката“ и „Историјата како приказна за слободата“. Роден е во Пескасерол, на 25 февруари 1866 година.
1959- Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Декларацијата за правата на детето, документ со кој се утврдени не само принципите за заштита на децата во светот, туку е и основан за помош на милиони деца. Со текот на годините со финансиска помош од Детскиот фонд се опремени многу здравствени центри во светот.
1959- Велика Британија, Норвешка, Шведска, Данска, Австрија, Португалија и Швајцарија во Стокхлом потпишаа Конвенција за формирање Европско здружение за слободна трговија (ЕФТА).
1962 Претседателот на САД Џон Кенеди ја укина американската воено-поморска блокада врз Куба, со што беше завршена Кубанската ракетна криза. Во текот на Кубанската ракетна криза, светот се најде на работ на атомски судир помеѓу САД и Советскиот Сојуз.
1947 Во првата несреќа на патничкиот авион „Боинг 747“, кој се урна по полетувањето од аеродромот во главниот град на Кенија, Најроби, во авионот на западногерманската компанија „Луфтханза“ загинаа 59 луѓе.
1970- Излезе првиот број на "Екран", како неделен колор прилог на весникот "Нова Македонија" за ТВ, филм, радио и естрада. Од бр. 226 од 14 март 1975 година излегува одделно од "Нова Македонија" како ревија за РТВ, филм, сценски уметности и естрада.
1975 Умре Франциско Франко, долгогодишен диктатор во Шпанија. Роден е во офицерско семејство и успешно ја продолжува семејната традиција. Се покажа како ретко вешт офицер во текот на војната во Мароко. Во 1926 година стана генерал, најмлад во историјата на Шпанија. Беше изразито монархистички и католички ориентиран. Кога беше воведена републиканската влада со прокомунистички склоности тој покрена вооружена буна со цел обнова на монархијата. По тригодишната граѓанска војна во 1939 година го скрши отпорот на демократски избраниот републикански поредок и воспостави режим кој траеше се до неговата смрт во 1975 година.
1979 Околу 300 вооружени шиитски бунтовници упаднаа во големата џамија во Меки, од каде со големо крвопролевање на 4 декември истата година ги истера саудсиката армија.
1980 Во Кина почна судењето на „четиричлената банда“ која ја предводеше Дјанг Чинг, водовица на претседателот, обвинета за предавство и злосторство во текот на Културната револуција од 1966 до 1976 година.
1981 Рускиот велемајстор Анатолиј Карпов ја задржа титулата светски првак во шах, со победа во мечот во Италија со неговиот поранешен сонародник велемајсторот Виктор Корчној.
1991 Во Скопје, во Собранието на Република Македонија, свечено е прогласен Уставот на Република Македонија, усвоен на 17 ноември 1991 година.
1992 Во кралскиот дворец во пожар за малку целосно ќе изгореше Виндзорскиот замок. Палатата во Виндзор е една од најголемите знаменитости во Велика Британија.
1993 Авионот од типот „јак-42“ на авиокомпанијата „Авиоимпекс“, кој леташе на релацијата Женева - Скопје и поради магла на скопскиот аеродром беше пренасочен кон Охрид, се урна на околу четири километри од пистата, меѓу селата Горно Лакочереј и Оровник. Во несреќата загинаа 116 патници и членови на екипажот, преживеа само еден патник.
1995 Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, стана полноправен член на Меѓународната Хелсиншка Федерација, беше речено на Годишното собрание на Меѓународната Хелсиншка Федерација во Истанбул.
1995 На претседателските избори во Полска кандидатот на левицата Александар Квашњевски го победи долгогодишниот шеф на државата Лех Валенса.
1998 Во Москва умре Ристо Бајалски, македонски новинар, новинар во весниците „Нова Македонија“, во „Борба“, во „Политика“ и во други весници. Тој е основач и уредник на спортскиот весник „Спортист“ (1955-1958 година) што го издаваше НИП „Нова Македонија“. Роден е во селото Стојаково, Гевгелиско, на 7 април 1926 година.
1998 Во Санкт Петербург во атенат е убиена Галина Старовојтова, еден од лидерите на либералните депутати во Думата (Долниот дом на руското Собрание).
1999 Кина го лансираше својот прв вселенски брод без човечки екипаж.
2001 Умре Борко Темелкоски - Лилјакот, народен херој на Југославија, од Македонија, општествено-политички работник. Роден е во Прилеп, на 20 декември 1919 година.
2003 Во две експлозии кои исламските терористи ги подметнаа во центарот на Истанбул, пред британскиот конзулат и претставништвото на британската банка HSBC, загинаа 27 луѓе, вклучувајќи го и британскиот конзул. Одговорноста заеднички ја презедоа Ал каеда и турската милитантна група „Исламски фронт на борците на Големиот Исток“.