Гари сместено на Стогово на 1.100 метри надморска висина. Едно од многуте мијачки села со свој дух и традиција.
Мирно место, во кое единствено се слуша шумот на Гарска река со ладна и чиста вода.
Не си бил во Гари ако не го посетиш Високи камен, една огромна карпа покрај реката,
Ако не си се напил ладна вода на Калуѓериче,
Ако не си отишол на скала, да ја видиш панорамата на селото,
Ако не си отишол на бачило, пред кое те пречекуваат неколку шарпланинци, единствен начин да се соочиш со нив е да клекнеш на колена и да ја ставиш раката на земја, само на тој начин им ставаш до знаење дека се поклонуваш пред нив и нивната територија, по тој чин доаѓа овчарот и ги собира, а тебе те носи во бачилото каде ти даваат сирење и чоканче ракија и по некоја приказна како се прави сирењето и кашкавалот.
Селската црва св. Богородица, резбата на легендарниот Петре Филиповски Гарката, и чудното око, кои некои го нарекуваат и масонско око, на која и страна да се движиш тоа некако те прати
Ливадите со чај, ментол и кантарион
Локалната продавница на сред село на дедо Иљо пред која мора да се напиеш пиво и да ги слушнеш приказните на старите кои во неколку реченици ти ја кажуваат историјата на селото и нивниот живот, приказната за килимарата, за тоа како родителите ги испраќале на печалба, како на 28-ми Август на Голема Богородица се собираат и се прават фешти.
Чувството во сред лето да спиеш со јорган, ладно е Стогово
Чувството да гледаш сонце а наеднаш да заврне силен дожд и да те освежи, па зад Кршисер сонцето да се појави. На таа планина спроти селото има едно место се вика Браненица, порано се играше и фудбалче таму, а горе на таа планина има едно само дрво кое ужива во мирот на природата.
Гари опеано во песната на Сариевски. Е тоа е најубавото село во Македонија
Четворица кумити
низ Кршисер врвеја.
Низ Кршисер врвеја,
право Гари влегоја
Окото во црквата