Еден период минатата година, најверојатно кога почна Тикток атракцијата кај нас, ептен ме удри во глава пропастот кој што допрва нè чека со генерацииве што доаѓаат. Ама по некое време си викам, па и ние би биле исти да бевме на нивна возраст. И ние сме се глупирале пред камера, сме се сликале, сме се бламирале на hi5, msn. Можеби не до тој степен како денешниве млади, но и сега да најдам/прочитам некоја глупост од мене ќе ми падне срам. И некако пробав да ги сфатам.
Едноставно таков е начинот на живот моментално, без разлика дали се млади или стари, целата смисла за постоење им е поврзана со интернетот и тоа е тоа. Тие што се свесни за она што се случува и за тоа како го трошат времето на нешто што не ни постои, со текот на времето се оттргнуваат и се учат да живеат поразлично од современиот свет.
Единствено нешто што ми е мака е тоа што навистина тинејџериве се пропаст. А бе да ги прашаш најопшто прашање тие нема да знаат да одговорат. Не дека ние сме се убивале од учење или сме имале којзнае каква желба да дремеме над книга, ама сме успевале некако да го вклучиме паметот и да се снајдеме, да запамтиме нешто, да се заинтересираме. Сметам дека најголема заслуга за ова што се случува имаат родителите, сакајќи да им се тргнат обврските поврзани со децата, тие уште од најрана возраст им поклонуваат скапи телефони, и сè додека детето е мирно и си се занимава, тие можат на раат да уживаат. Јас додека не сум ја кажела таблицата не сум смеела од маса да станам.
Баш имав можност пред некое време да разговарам, случајно, со еден тинејџер и приметив дека секој втор збор му е англицизам. Кога го прашав зошто зборува англиски јазик со примеси на македонскиот, детето ми кажа дека јазикот наш не му се допаѓал толку колку што му се допаѓа англискиот, и дека како и да е за некоја година тој ќе си го фател патот под нозе надвор од државава. И мислам дека ова доволно кажува за аспирациите на нашите млади и за иднината.
Поентата ми е, го разбирам движењето, развојот на технологијата, желбата да се биде дел од современиот свет, наоѓање на занимација, но доколку не се преземе нешто во однос на самиот систем на образование, приклучување на младите во најразлични активности со цел да им се активира сензорот за размислување, тешко нам, а и ним.