Го преслушав албумот и се обидов да си доловам некоја претстава. Можеби невозможно е целосно да се разбере поентата на целиот албум поради недостатокот на текст.
Нејсе, еве една кратка, плитка рецензија од мене.
Францускиот бретонец Јан Тирсен со овој музички албум се обидува да создаде или пак опише една долга човечка приказна, спојувајќи ги келтските традиционални звуци со француската шансона, обвиени под плаштот на мистеријата. Притоа давајќи му на слушателот сам да си замисли што се случува во истиот.
1. Le Quartier (Соседството)
Токму ова веднаш започнува да се забележува уште со првите звуци. Слушајќи, надоаѓа чувство дека се наоѓаш на некоја селска игранка, со што започнува да заигрува имагинацијата.
2. La Rupture (Кршење)
Драматичните звуци од виолините во оваа композиција најавуваат дека дошло до некоја неубава промена во животот на пејачката (понатаму пејач).
3. Monochrome (Монохроматски)
Како и самиот наслов, музиката е здодевна, проследена со хармоника за да даде малку живост на текстот што се пее. Пејачот го опишува својот невозбудлив живот. Стапица во која западнал поради некои минати грешки. И веќе е изморен и целосно предаден и оддаден на што и да му фрли животот в лице.
4. La Dispute (Спорот)
Композицијата по долгиот неповрзан почеток, се претвора во една пријатна балада отсвирена на клавир. Те носи кон мислата дека се наоѓаш во некоја стара мрачна соба од раниот 20-ти век. Во средината на истата се наоѓа музичарот свирејќи за спорот, што го има во својот ум.
5. L'Arrivée sur l'île (Пристигнувањето на островот)
Една кратка полетна композиција, во која наѕираат надежта и оптимизмот за поубави времиња.
6. La Noyée (Удавениот)
Низ текот на композицијата се слушаат криците што ги испушта бродската палуба, и итноста од ненадејната ситуација во која композиторот се нашол.
7. Le Fromveur (Фромвурскиот премин)
Надоврзувајќи се со претходната композиција, повторно имаме музика полна со итност. Ита бродот некаде.
8. L' Homme aux Bras Ballants (Човекот со висечките раце)
Композицијата е создадена за краткометражниот аниминар филм со истоимениот наслов. Човекот користејќи ги своите долги раце, се воздигнува до небото, и ја набљудува месечината.
9. Sur le Fil (На жицата)
Композиторот сакал да ни го претстави животот на жицата, со прекумерното стружење по гудачките инструменти. Како да сака да каже дека се наоѓа на работ од бездната?
10. La Crise (Кризата)
Според тонот на композицијата, неизбежно е надоаѓањето на тешки времиња. На кризата.
11. Les Jours Heureux (Среќни денови)
Една од повеселите композиции во низата балади.
12. Les Bras de Mer (Рацете на морето)
Можеби најдобрата композиција на овој албум. Исполнета со богати детали. Пејачот пее за рацете на морето кои ја нагризуваат земјата, и конечно ја разделуваат.
13. La Chute (Падот)
Мрачна и тензична композиција за еден тажен пад и крај на човекот.
14. L' Effondrement (Колапсот)
Човекот се буди од сонот. Седнува да пие кафе, и размислува дали старите денови ќе се вратат назад, и што во тој случај?
Албумов издаден во 1998 година, постојано ми даваше некоја претстава како да гледам нем филм од 1910/1920-те.
Иако доста интересно и необично за слушање, во најголем дел композициите беа прекратки за да се впие се што тие може да дадат. Како да остануваа недоречени и загушени во својата меланхонија, одејќи кон тоа што побргу да заврши целиот албум.
Ова е дело за љубители на сериозна музика, кои ќе се аналитички настроени при неговото слушање.
Од мене албумот има 6.5/10 ѕвезди.