Се повеќе Македонци остануваат без клубови!
Се поголем број македонски интернационалци со крајот на есенските првенства во националните европски шампионати добиваат слободни документи за промена на фудбалската средина.
Изминатиов период најпрво напаѓачот Драган Чадиковски го раскина договорот со Олимпија Љубљана, па Арменд Алими ја прекина соработката со хрватскиот прволигаш Истра Пула, после нив и Кемал Аломеровиќ предвреме го раскина договорот со молдавска Дачиа за да на крајот и левиот бек Мирсад Мијадиноски заврши со настапите во Дебрецин, Унгарија.
Но, тоа не е крај откако листата денеска ја дополнија и поранешните вардарови фудбалери Никола Карчев и Ѓорѓи Мојсов кои се разделија со српскиот суперлигаш Металац.
Бурен зимски трансфер период ги очекува Македонците, ако се знае и дека репрезентативецот Александар Лазевски е пред заминување од редовите на белградски Партизан со оглед на тоа што за неговите услуги има интерес од неколку елитни европски екипи, меѓу кои и Рома, а промена на средината ќе има и за Мирко Ивановски кој доби слободно од полскиот второлигаш Арка да бара нова средина. Обид за трансфер го очекува и Самир Фазли од холандски Херенвен, како и Марио Ѓуровски кој воопшто не добива шанса во Украина.
http://ekipa.mk/News.aspx?newsId=3396