Марио Ѓуровски се сели во Леверкузен
Нови Сад, 25. декември (ИНПРЕС)
Потенцијалниот фудбалски репрезентативец на Македонија, Марио Ѓуровски, според српските медиуми, се наоѓа пред трансфер во екипата на Баер Леверкузен.
Ѓуровски наводно добил зелено светло од својот клуб Војводина, да ги започне преговорите, кога во Нови Сад се очекува да пристигнат преставници на есенскиот шампион во Бундеслигата.
Се шпекулира дека трансферот на Ѓуровски ќе изнесува 1,3 милиони евра. (Крај)
...........................................................
Луксембург и Црна Гора испратија понуди за март
Луксембург и Црна Гора ја сакаат фудбалската репрезентација на Македонија за противник во првиот ФИФА-термин за пријателски средби, на 3 март идната година
Досега во канцеларијата на Фудбалската федерација на Македонија се јавиле само луѓе од овие две федерации, кои побарале да дојдат на гости, зашто веќе еднаш сме играле на нивен термин. Од ФФМ сепак посакуваат мечот во март да биде на гостински терен, поради тоа што не знаат дали дотогаш националната арена „Филип Втори“ ќе биде целосно реновирана.
- Двете федерации се јавија, тие се заинтересирани да одиграме меч, но главниот збор го има селекторот Мирсад Јонуз. Ние повеќе би сакале да играме на гости, зашто не знаеме каква ќе биде ситуацијата на теренот во Скопје тогаш. Згора на тоа, ние би ја почекале и ждрепката за квалификациите за да видиме со кого сме во групата. Може да се случи да ни се падне некоја од овие две, па да отпадне пријателската - вели Игор Климпер, генералниот секретар на ФФМ.
Македонија од гостувањата во Луксембург (август 2008) и во Црна Гора (ноември 2008) се врати со по една победа и пораз. Во Луксембург победивме со 4-1, а во Подгорица загубивме со 1-2.