Сечија и ничија репрезентација
Како преку ноќ спласна интересот за ракометарите по еуфоријата во Ниш, во Белград и во Гетеборг
Роберт Димитриевски
Чија е ракометната репрезентација на Македонија? На репрезентативците и на Стручниот штаб? На Ракометната федерација? На клубовите? На медиумите? На навивачите?
Судејќи според баражот со Австрија за Светското првенство 2013 во Шпанија, на двете последни категории најмалку. Ако не излезеше РФМ со понуда во минута до дванаесет за бесплатен превоз до Виена и назад со комби, на реваншот со Австријците ќе присуствуваше цел еден новинар од Македонија, и тоа од политичката редакција на една приватна телевизија, кој со семејството намина во Виена на пропатување за Прага?! Неговите снимки направени со приватната камера од салата „Алберт Шулц“ се единственото автентично сведоштво од македонски електронски медиум за избореното трето учество на машките ракометни мундијали.
Кога и државната радиотелевизија не почувствувала потреба да испрати известувач(и) на настап на државна селекција, што да се очекува од другите? Директниот пренос одеше на Собранискиот канал, бидејќи првиот програмски сервис е резервиран за Европското првенство во фудбал. Натпреварувањето во кое Македонија не учествува и прашање е кога и дали некогаш воопшто ќе се пласира, доби предност пред едно од ретките каде што таа е значаен фактор во секаква смисла на зборот.
Навивачите, пак, се посебен феномен. На првата средба со Австријците салата „Борис Трајковски“ зјаеше полупразна, а во Виена на прсти можеа да се избројат тие што се „потегнаа“ од Македонија за да ги бодрат ракометарите. Секоја чест за околу илјада иселеници од Австрија, од Германија, од Швајцарија, па дури и од Полска, кои дојдоа да навиваат за своите миленици, со што го спасија и образот на „фалангата“.
Богами, чудесен пресврт само неколку месеци по еуфоријата во Србија, кога на мечевите во Ниш имаше по пет илјади македонски фанови, во вториот круг во Белград и по осум до десет илјади, а добар дел од нив беа дел и од априлските олимписки квалификации во Гетеборг. Каде ли исчезна таа армија што ја освои Европа со својата бројност и со приврзаноста кон националниот тим? Како во земја да пропадна.
Не е, белки, влезницата од двесте денари причината за празните столчиња во „Борис Трајковски“? Или за тоа што речиси никој не замина одовде за Виена е виновна Агенцијата за млади и спорт поради тоа што овој пат не организира бесплатни навивачки карвани како на Европското првенство во Србија, на турнирот во Шведска од квалифициите за ОИ и лани на Евробаскетот во Литванија? Па, австриската престолнина не е преку свет, и тоа во време на нискобуџетни авиокомпании...
Не само поради петтото место во Европа, Лазаров, Мојсоски, Ристовски, Алушовски, Темелков, Миркуловски и соиграчите заслужуваат многу подобар третман од тој на повремени миленици на нацијата. Таа за тоа ќе стане свесна кога, поради возраста, тие наскоро еден по еден ќе почнат да се повлекуваат од националниот тим, со што, сосем извесно, пласманите на големите натпреварувања ќе проретчат, а можеби и ќе секнат за догледно време. Тогаш ќе биде доцна.
http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=D279B90E3A22FC4D82F3A6C912D65E00