Каде исчезнаа влезниците за дуелот против Шпанија?
Некогаш фудбалот беше забава за сиромашните, сега е огромен бизнис во кој Македонија се вклучува само кога нешто е матно, не чини. Дуелот Македонија - Шпанија нема сомнение ќе биде спектакл, но недостапен за обичниот навивач иако со супер поволната цена на влезниците нему му беше наменет.
Владата на Република Македонија која ја финансираше забрзаната изградба на северната трибина ги демантираше шпекулациите дека побарала и земала, добила или купила или на друг начин набавила или присвоила влезници за мечот Македонија - Шпанија. Фудбалската федерација, пак, како контра одговор на притисокот наметнат од големиот интерес, објави на кој начин експресно изчезнаа 23 илјади влезници.
14 илјади биле пуштени во слободна продажба, вклучувајќи ги и оние преку општинските сојузи.
Преостанатиот дел бил резервиран и дистрибуиран на клубови, на заслужни фудбалери и работници, на министерства, амбасади и странски претставништва, на партнери и спонзори, на навивачки групи, фирми и медиуми.
Наизглед има за сите, но сепак недоволно за оние што овојпат можеа да си дозволат за репрезентативен натпревар да брцнат во џеб. На националната арена на 12 август ќе има многу повеќе од оние што фудбал во живо гледаат само еднаш годишно и тоа само затоа што дошол некој од великаните, да бидат видени и во тренд, а не прават разлика меѓу Касиљас и Торес, не можат да препознаат ниту тројца наши репрезентативци.
И само поради то што се нечии пријатели, богати газди, на важни позиции. Има и други варијанти, но ако имате пари одвеќе.
Како во старите добри времиња да купите билет од препродавачи ако при тоа успеете да препознаете дека не е фалсификат или добро да „шопингувате“ во некој од скопските маркети за награда во вид на влезница.
И тука авантурата нема да заврши затоа што билетите не се нумерирани, па за подобро седиште ќе треба да појадувате на стадион. Повелете, ама сметката на крајот нема да биде како првично планираната 100 или 200 денари.
Различни елитни репрезентации доаѓаат и си одат, остануваат само истите пропусти.