Македонија жртва на ракометна шпионажа
Швеѓаните имале снимка од мечот со Црна Гора на Златибор, кој беше затворен за јавноста
Од нашиот известувач
Роберт Димитриевски
НИШ – „Зошто е вклучена онаа камера?“, реагира Драган Начевски, координатор на македонските машки ракометни селекции, развртувајќи се наоколу на синоќешниот тренинг на репрезентацијата во Спортскиот центар „Чаир“ во Ниш. Камерата беше свртена лево кон импровизираното отворено студио на трибината и воопшто не го покриваше теренот, но Начевски не се смири. „А оној таму, Германец да не е?“, продолжи поранешниот ракометен судија, покажувајќи со прст кон делот од трибината наменет за новинарите.
Среде тренингот се јави и Андон Бошкоски, помошник на селекторот Звонко Шундовски.
„Сликајте што ќе сликате, зашто сега ќе почнеме со уигрување тактички варијанти“, им вели на фоторепортерите, а известувачите од Македонија ги замолува да не пишуваат за тоа што ќе го видат на теренот.
Вознемиреноста на првите луѓе на македонската ракометна експедиција на Европското првенство во Србија има своја предисторија, која ни ја објасни капитенот Кирил Лазаров.
„Ден по натпреварот со Шведска седиме во хотелот на кафе со нивниот репрезентативец од српско потекло Далибор Додер и тој ми вели: ’Знаевме се' за вас‘, смеејќи се. ’Како тоа?‘, се чудам, а тој ми открива дека гледале касета од нашиот контролен меч со Црна Гора за време на подготовките на Златибор, кој беше од затворен тип. Кој ли не' снимал во саличката со влез што истовремено е и излез, а ние да не го забележиме? Дури, почнавме да се сомневаме дека некој од нас го сторил тоа“, раскажува најдобриот македонски ракометар.
Начевски додава дека сигурно бил снимен и последниот тренинг пред стартниот дуел на првенството со Швеѓаните, бидејќи противничките ракометари имаа подготвен одговор за сите наши акции што требаше да бидат изненадување за нив. Лазаров се надоврзува со информацијата дека шведските репрезентативци што играат во Шпанија биле задолжени детално да ги анализираат неговата игра, движењата, каде шутира, како ги проигрува соиграчите. „Тастери“ во случајов биле голманот Јохан Сјестранд и пивотменот Магнус Јернемир, обајцата од Барселона. Колку информативната обработка успеа да го запре еден од најдобрите десни бекови во светот зборува и неговата статистика: Лазаров во првиот меч на шампионатот постигна седум гола (но од 19 удари), не реализира два седмерца, а од 9 метри имаше ефект 3/12.
Можеби го прочитаа клучниот играч во македонскиот тим, но „викинзите“ не можеа да предвидат дека еден од највозрасните ракометари на ова ЕП, 39-годишниот Стевче Алушовски, ќе ги одигра сите 60 минути и при тоа ќе даде седум гола со 70-процентна реализација. Ни на сон не можеа да погодат и дека Шундовски ќе го почне натпреварот со Бранислав Ангеловски на лев бек, држејќи го во игра до средината на првото полувреме или дека Стојанче Стоилов извонредно ќе го замени повредениот Ванчо Димовски на линијата од 6 метри, постигнувајќи три гола без промашување.
На крајот на краиштата, самиот резултат 26:26 покажува дека Шведска не виде големо фајде од шпионирањето на најголемиот аутсајдер на првенството според обложувалниците.