Колку само обединето изгледавме на првенството. Ние им се поклонивме на нашите ракометари, Европа ни се поклони нам.
" И бескомпромисниот германски Џин Оливер Рогиш би бил пресреќен постојано да игра пред ваква публика, што со многу страст и љубов ги бодри своите миленици како што вие тоа го правите на ракометното ЕП во Србија, вели новинарот од Германија Бјорн Пазен. Според Пазен, кој е одличен познавач на ракометната игра, атмосферата во „Белградска арена“ кога настапува Македонија е подобра и од финалето на ЛШ
Веќе по вторпат македонските навивачи ја „спасуваат ситуацијата“ на големите ракометни натпреварувања, со тоа што ги полнат салите прават неверојатно френетична атмосфера. Со мерак го бодрат тимот, а салата секогаш е во знакот на црвено-жолтата боја. По СП 2009 година во Хрватска и овој пат најмногубројни навивачи се Македонците. Во Ниш направија вистинска окупација, а сега истото го прават и во Белград. Некои од новинарите се изненадени од жарот со кој публиката го бодри тимот. За некои, пак, тоа е сосема нормално, особено за оние со балкански менталитет. Македонската навивачка бајка сепак станува препознатлива и надвор од границите, па наидуваме на респект и од спортисти, новинари, навивачи и од далечните за нас Данска, Германија, Шведска. Меѓу нив е и познатиот германски новинар Бјорн Пазен.
Тој веќе неколку години работи за ЕХФ и за ИХФ, ретко пропушта важен меч, но истовремено е и голем поддржувач на македонските клубови, репрезентација. Од 1999 година кога првпат го запознавме на СП во Данска, постојано сакаше да биде на мечеви на македонски тимови зашто знае дека ќе има одлична публика, атмосфера.
- Па се сеќавам, уште тогаш ми објаснувавте каква е вашата публика. Јас бргу го увидов тоа и веќе ги разбирам вашиот темперамент, желбата да се помогне, но и страста да се биде зад сопствениот тим. Истото го доживувам и сега, во Ниш и во Белград - вели Пазен.
Тој им ги пренел своите искуства на сонародниците пред да се одигра средбата во Ниш.
- Тие веќе знаеја што ги чека. Го видоа она одлично навивање и почувствуваа каков е притисокот. Но и беа среќни што ќе имаат таква атмосфера која за нив значи уживање. Не можеа да комуницираат меѓу себе поради големата бучава што ја имаше во салата. Оливер Рогиш ми рече дека би бил пресреќен да има ваква публика на сите натпревари, без разлика дали ќе победи или не – додава Пазен.
Она што го мисли за нашите навивачи го пренесува во своите извештаи, а особено му е мило што македонските навивачи се кротки, пријателски настроени. Вели дека ужива во фестивалот од песни на симпатизерите во црвено-жолта боја и во начинот на кој го бодрат тимот, нивниот колорит, радост, среќа....
- Kога би требало да споредувам со ова што го прават македонските навивачи, тогаш би рекол дека паметам само дава ракометни натпревара со слична атмосфера. Полуфиналето на СП 2009 година во Хрватска, меѓу домаќинот и Полска, и една година подоцна, во финалето на Лигата на шампионите во Kелн кога Kил беше европски првак. Ова е еднакво добро. Можам само да замислам како би било да имате можност да се борите за врвни резултати. Да играте полуфинале или финале, што искрено ви посакувам. Тогаш веројатно ќе нема место ниту околу салата, а за внатре да не зборуваме - со насмевка на лицето коментира Пазен.
И тој како и многумина преку ноќ станаа навивачи на македонскиот ракометен тим. Се разбира, најмногу поради атмосферата што ја прават нашите фанови, но и извонредната сплотеност меѓу играчите и македонската публика. До следниот меч Пазен стиска палци за македонскиот тим и пак очекува полна арена со Македонци. Фестивалска атмосфера со френетично навивање, се разбира."
Горан Антевски
Преземено од Дневник