Нашата најдобра кошаркарска репрезентација вечерва ги продолжува квалификациите за ЕП кое догодина ќе се одржи во Литванија.
По победа од 71-58 во Јужни, Украина, на првиот натпревар, како и се почистиот пат кон континенталното натпреварување повеќе од јасно е дека момците во црвено – жолто предводени од селекторот Докузовски вечерва атакуваат на победа.
Избраниците на селекторот Марин Докузовски остануваат оптимисти и се надеваат на четвртата победа во групата. Докузовски најверојатно нема да менува ништо во составот кој ги одигра последните три квалификациски средби. МекКејлеб и натаму останува во тимот кој ќе се бори за место на Европското првенство, а Ристе Стефанов поради повреда нема да го одигра ниту овој меч.
Друг податок кој ни оди во корист е кош-разликата. Имено, една второпласирана репрезентација од сите квалификациски групи која ќе има најдобра кош-разлика ќе има директен билет за пласман на Европското првенство. Сега засега, Македонија е во најповолна позиција со +53 (315-262), Британците имаат +35 (369-334), додека во другите групи единствено Ц. Гора е донекаде блиску до нас со +49 (314-265), потоа следи Израел со +33 (349-316), Грузија +29 (304-275), Белгија +4 (299-295) и Бугарија +3 (289-286), останатите имаат негативен скор.
„
Играчите се свесни дека само со максимално залагање ќе може да дојдат до посакуваниот успех против Украина. Противникот е квалитетен и незгоден и мора да биде максимално респектиран без разлика што дојдовме до убедлива победа во првиот дуел во Јужни. Мислам дека сите се свесни на огромното значење што го има овој дуел и дека со помош на публиката ќе може да прикажеме добра игра и да забележиме уште една победа“ - вели Марјан Лазовски, помошник на селекторот.
Покрај несомнено големиот квалитет и огромната желба за успех, македонските кошаркари на своја страна вечерва ќе ја имаат традицијата. Тие, кога играат во „Борис Трајковски“ едноставно се непобедливи, барем во официјалните мечеви под капата на Европската кошаркарска федерација (ФИБА-Европа). Скопската спортска убавица петпати во изминатите две години беше успешен домаќин на најдобрите македонски кошаркари, кои бодрени од седум-осумилјадната бучна публика просто летаа на паркетот без да му дадат и најмала шанса на противникот за успех. Колку жолто-црвените се доминантни во „Борис Трајковски“ покажува и податокот дека петте досегашни ривали биле совладани со просечна разлика од дури 19,8 поени.
„
Посебно е чувството кога се игра во „Борис Трајковски“. Вадењето на големото македонско знаме, скандирањето на името на државата, аплаузите по секој добар потег, но и свирежите насочени кон противникот, се работи кои ви даваат дополнителна сила и ве прават да се чувствувате непобедливи. Уживам кога играм во оваа сала и се надевам дека уште долго ќе го задржиме епитетот непобедливи во скопската арена и дека Украина е следна на листата на тимовите што загубиле во „Борис Трајковски“ - вели центарот на македонската селекција Предраг Самарџиски.
Украинците, како и селекциите на БиХ и Унгарија имаат само една победа на досегашните четири квалификациски меча, па остануваат само со теоретски шанси за пласман на второто место во квалификациите до крајот на циклусот. Средбата вечерва почнува во 20:45 часот. Во нашата група уште Велика Британија денеска ја пречекува Унгарија.
Во групата Б на чело на табелата со 8 бода односно еден повеќе од нашата селекција се наоѓа Велика Британија додека Босна и Херцеговина, Унгарија и Украина имаат по пет бода.