Седумгодишниот Марко Чаласан, прваче во ОУ „Блаже Конески“ во Скопје, најмалиот добитник на два светски признати сертификата од Мајкрософт, денеска од Владата доби лабораторија со 15 компјутери, кои му ги предаде премиерот Никола Груевски. Тие се сместеми во просторија во училиштето и се во мрежа што на Марко ќе му овозможи практично да го усоврши својот информатички талент.
Првиот сертификат на Мајкрософт што го добил е за поддршка на оперативен систем, а вториот за поддршка на десктоп апликации. Третиот сертификат за кој ќе се подготвува и ќе полага по две години е за администратор за имплементирање мрежи.
- Тоа се врвни вредности со кои еден ден ќе се гордее цела Македонија, кога тој ќе ја достигне возраста кога ќе може многу порепрезентативно да ја претставува нашата држава, иако веќе и сега тоа го прави, изјави премиерот Груевски. - Се работи за екстра талентирано дете, додаде Груевски, кој прилогот за него го видел на телевизија и веднаш се заинтересирал како државата може да помогне за Марко да напредува побргу.
- Македонија е мала земја и нема специјални училишта за талентирани деца. Сметам дека во таква ситуација треба да се интервенира. Секогаш кога ќе препознае вакви таленти, Владата ќе се обиде да помогне, рече Груевски.
Тој на Марко му врачи и Стипендија за талентирани деца, а за возврат малиот ученик на премиерот му креираше персонален кориснички налог.
Во изјава за медиумите Марко рече дека не се сеќава кога првпат почнал да работи на компјутери. Со нив се дружи по два часа дневно, а еден час чита стручна литература.
Канал 5