Прв пат се сретнаа на автобуската станица. Беа студенти, тој учеше медицина, а таа-архитектура. За да можат да се гледаат често, секој ден и двајцата одеа на истата станица, во исто време и се качуваа во истиот автобус.
Беа млади,многу млади...
Помина доста време додека да соберат храброст да си прозборат, но некако успеаја. Всушност, не живееја во истата населба од каде се качуваа секое утро на автобус. Тој претходната вечер остана да преспие кај свој пријател, а таа на гости кај сестра и. По извесно време, кога веќе беа доволно блиски еден со друг, се смешкаа и си признаваа еден на друг, како секое утро станувале уште во темни зори и оделе на другиот крај на градот, само за да дојдат на време на таа станица... Нивната станица, со нивниот автобус...
Се венчаа веднаш по дипломирањето. Беа среќни,многу среќни.
Се случуваше да останат без работа, без пари, да имаат тешки моменти... Но, толку здраво и цврсто ги испреплетоа рацете и срцата, што ништо не успеваше да ги скрши. И кога крпеа крај со крај, и кога едвај го дочекуваа крајот на месецот за плата, и кога веќе беа познат лекар и архитект... Беа среќни како на почетокот. Не беа од оние семејства, кои пропаѓаа духовно од рутина и навика...
Не ги срушија ниту празните банкарски сметки, ниту беа горди на високите доходи откако успеаја. Се нижеа денови, месеци, години... а нивната љубов растеше и беше се посилна,се поголема...
Единствено што им фалеше беше детенце.
И покрај сите напори и обиди не успеаја да добијат своја рожба. Си рекоа, премногу е егоистично да посакуваат се во овој живот. Ја прифатија мирно таа одлука и продолжија напред. Наместо дете, ја одгледуваа и се грижеа за својата љубов...
-Би умрела за тебе! - викаше често таа,додека го гушкаше силно.
-Не,јас ќе умрам за тебе! - и одговараше тој и ја гушкаше уште посилно...
Понекогаш, кога се прибираше таа дома, често наоѓаше по некоја белешка оставена на огледалото...
“Погледни на масата во кујната и не заборавај,колку многу те сакам!“
Од масата во кујната одеше до шкафот во дневната или до бирото во спалната. Кружеше од соба до соба, читајќи нежни зборови на љубовно признание, напишани на мали украсни ливчиња. На крајот таа некогаш наоѓаше букет свежо цвеќе, некогаш кутија со омилените чоколадни бомбони, убав фустан или скап парфем... но не дека подарокот имаше големо значење, туку за неа беше важен гестот и целата таа ситуација, зашто и ја докажуваше неговата љубов...
Колку динамично им течеше животот, колку и да беа ангажирани на работа, секогаш наоѓаа време еден за друг. Кога навршија 40 години, и двајцата решија да работат помалку и да си оставаат повеќе слободно време, кое ќе го поминуваат заедно.
Тој ја напушти болницата и примаше пациенти само во приватниот кабинет...
Таа пак го затвори прoектантското биро каде работеше, и започна да прифаќа само специјални нарачки, кои ќе ги работи дома. Така имаа многу повеќе време да бидат заедно.
Еден ден, додека шетаа покрај брегот, таа забележа една стара, речиси разрушена куќа, на која имаше натпис „Се Продава“.
-Што ќе кажеш, да ја купиме оваа куќа? - го праша со возбуда. -Ќе ја исчистиме и на нејзино место ќе изградиме нова убава куќа! Дури веќе имам замислено како ќе изгледа. Ќе има огромна тераса со поглед на море. Ајде, ќе биде тоа нашата морска куќа, во која ќе ги храниме наутро галебите... -ентузијазам и искреше од очите додека зборуваше.
-Се разбира драга,зошто да не.
-Се ќе направам за тебе, не можам да кажам НЕ. -и одговори тој нежно и ја бакна.
-Веднаш штом се вратам од семинар од САД, ќе свртам на телефон, и ќе ја купиме. Независно каква цена ќе биде, ова место веќе е наше.
Иако знаеја дека се разделуваат само за една недела, им беше многу тешко и на двајцата кога тој одеше на работни патувања во Америка. Додека беше таму, секој ден разговараа со часови на телефон.
Кога таа го пречека на аеродромот кога се врати, и двајцата неможеа да ги скријат солзите...
Но, само неколку дена подоцна, таа забележа чудна промена кај неговото однесување. Тој веќе не изгледаше така среќен како порано, не се смееше толку искрено, дури избегнуваше да разговара. Една вечер, за да го разведри, таа почна разговор за куќата крај морето и му го покажа проектот кој го нацртала. Но, одговорот кој го доби, ја стаписа:
-Мила,таа куќа ги надминува нашите можности и за жал, нема да можеме да си ја дозволиме. Затоа најдобро да заборавиме на неа...
За луѓе како нив кои свикнале да живеат среќно, несреќата имаше горчлив вкус и беше неподнослива. За неа тоа беше како непоканет и непосакуван гостин, кој се натрапил во домот и не знаеше како да го избрка. Таа разбираше и чувствуваше дека нему нешто му тежи, дека нешто крие од неа и тоа го измачува. Го молеше и премолуваше да сподели со неа,да и раскаже:
-За тебе би умрела, знаеш и сам! Те молам, кажи ми што се случува...
Но, не доби одговор на молбите.
Како мажот, во кој беше лудо вљубена, кого го обожаваше и кој пред само неколку дена и се колнеше во вечна љубов и верност, да беше сменет со некој друг, различен, нов, потполно рамнодушен кон она што се случуваше. Со секој свој обид да поразговара со него, таа имаше чуство дека удира во ѕид и се повеќе ја болеше и, и крвареше срцето...
Еден ден, додека се шетаа во паркот со најдобрата пријателка, таа раскажуваше за необјаснивото однесување на сопругот, и се обидуваше очајно да најде некаков одговор за таа промена во него. Без да дочека да се доискаже, пријателката ја прекина и ја повлече да седнат на една клупа. Ја фати за рака и ја погледна во очи:
-Жал ми е што треба да слушнеш од мене, но повеќе не можам да издржам да молчам... треба да ти кажам... -започна таа неуверено...
-Тој те изневерува! Го гледам секој ден во ресторанот спроти мојата канцеларија, руча со млада симпатична жена. А потоа прегрнати се качуваат во колата и одат некаде...
-Доста,замолчи веднаш! -И се развика таа на пријателката и не и дозволи да каже ништо повеќе. Ја обвини дека зборува така зошто и завидува... и растревожена си замина дома.
На следниот ден по ручекот, сама отиде до оној ресторан и застана до едно дрво на тротоарот.
Само по неколку минути разбра дека вечната љубов и среќа ги има единствено во приказните, но, не и во реалноста. Веднаш ја позна младата лаборантка од болницата, во која порано работеше сопругот. Имаше доаѓано неколку пати кај нив дома на гости. Солзите, кои и ги замрежија очите, не ја сопреа да види како тој ја прегрна другата жена. Како нож да и го распоре срцето...
Вечерта, кога тој се врати дома, таа му се нафрли и му раскажа се што виде тој ден.
Ту викаше, ту плачеше, додека зборуваше... после силно го гушкаше, а во следниот миг го удираше...
Тој ништо не одрече. Промрморе нешто, дека со времето луѓето се менувале, дека чуствата им се ладеле, дека после некое време имале потреба од промена. Наполни малку алишта во еден куфер и излезе. На вратата се сврте кон неа и ја праша:
-Можам ли да те прегрнам за последен пат?
-Исчезни веднаш!!! -извика таа на цел глас, полн со омраза и ја тресна вратата после него...
Веднаш се разведоа.
Таа, со помош на пријателите некако се обидуваше да застане на нозе. Продолжи со нормален животен тек.
Од познати разбра дека поранешниот сопруг веќе заминал во Америка заедно со новата љубовница. Понекогаш кога остануваше сама со своите мисли, чуствуваше дека се уште го сака. Тогаш одново потонуваше во солзи и горко се молеше таа љубов во срцето најпосле да се претвори во омраза, за да не ја боли толку многу и толку силно...
Помина цела година. Колку и да тврдеа дека времето лечи се, тоа не успеа да ја излекува нејзината рана и во срцето се уште владееше огромна и болна празнина...
Едно утро се разбуди од упорното ѕвонење на вратата.
Кога стана и отиде да отвори, ја виде...онаа жена! За миг занеме од изненадувањето, не очекуваше да ја види точно неа. Сакаше да и се развика во лице, дека нема право да го пречекори прагот, но, не успеа да каже ништо...
-Ти се молам, доволи ми да влезам, треба да разговараме, важно е... -и ги прекина мислите гласот на жената. Изгледаше вознемирена.
Влегоа внатре и седнаа во ходникот.
-Ништо не е така како што изгледаше... -започна со тивок глас младата жена. И многу ми е жал,што треба да ти соопштам јас, но, пред еден час тој почина. Научи за болеста минатата година, за време на семинарите во Америка. Му рекле дека му останува не повеќе од една година живот.
Знаеше дека ти нема да можеш да го поднесеш тоа и ќе сакаш да умреш заедно со него, така како што си му кажувала. За да те оддалечи од себеси, ме замоли мене да се преправам дека сум негова љубовница. И на родителите не им кажа ништо. На сите раскажа дека сме заминале заедно во Америка, а всушност изнајми една мала куќа точно до автобуската на која сте се виделе прв пат, на вашата станица.
Му дадоа терапија и ги следеше сите препораки и веруваше дека ќе се излекува,но... не успеа. Синоќа состојбата се влоши, медицинската сестра ме побара, успеав да стигнам во последен момент... Ме замоли да ти ја предадам оваа кутија...
Слушаше и не сакаше да поверува на овие зборови. Не знаеше што да мисли, не знаеше што чувствува. Знаеше само дека што и да направи, не е во состојба да ги сопре солзите, кои непрестано се лееја од очите... Сакаше точно таму и точно сега и таа да умре...
Помина доста време, додека се поврати и се сети да ја отвори кутијата, која ја доби. Внимателно го отвори капакот и внатре виде купче украсни листенца... Го отвори првото, на кое пишуваше:
-“Те молам мила, прочитај ги по ред сите белешки!“
“Те сакав многу!“
“Никогаш не сум престанал да те сакам!“
“Секогаш ми велеше, дека ќе умреш за мене, а јас знаев дека тоа е вистина!“
“Јас не сакав да умреш за мене!“
“Сакам да ЖИВЕЕШ за мене!“...
Додека го земаше и последното ливче од кутијата, виде на дното некаков клуч...Го рашири шареното ливче и прочита:
“Ја направив куќата на брегот според проектот кој ти го нацрта. Кога наутро појадуваш заедно со галебите на огромната тераса со поглед кон морето, знај...јас ќе бидам до тебе...“