Не сум ниту срамежлива ниту конзервативна
Каролина Гочева, македонското девојче или, по битолски, нашето чупе, за концертите, за семејството...
ВАЛЕНТИНА ТОДОРОВСКА
Да се пишува и зборува за Каролина Гочева е работа што бара повторување. Ја знаат сите генерации, а миленичка е и на женскиот и на машкиот дел од публиката. Нејзината особеност лежи во неколку работи, а ние би ја спомнале природноста или, како што вели самата, „невкусно ми е да се лигавам и да се правам сосила интересна кога се појавувам во медиумите“. Поводот за разговорот со Каролина се претстојните концерти - вечерашниот во Битола и промоција на албумот „Македонско девојче“ во Универзална сала на 20 декември.
Како интимно се чувствуваш спроти претстојните концерти во Битола и во Скопје?
- Овие концерти се промоција на моето ново ЦД „Македонско девојче“ и, искрено, со задоволство ја очекувам средбата со мојата публика во Универзална сала.
На овој концерт му претходи, како подарок за мојата единствена Битола, концертот вечерва, во Домот на култура, со истиот концепт - претставување на „Македонско девојче“. Инаку, на концертот ќе ме придружува стандардниот состав на мојот бенд „Neighbours“, засилен со контрабас, армоника, кларинет и акустична гитара, како и мандолински оркестар.
Познавајќи те како прилично срамежлива и конзервативна девојка, што беше пресудно за твојата нова фотосесија? Таму си послободна, нешто што почна да се навестува од соработката со Цаци Паковска? Патем, како се чувствуваш во „новата кожа“?
-
Не сум ниту срамежлива ниту конзервативна девојка, можеби сум повоздржана од претставата што ја имаат луѓето за тоа какви се познатите, а невкусно ми е да се лигавам и да правам сосила интересна кога се појавувам во медиумите. Не знам зошто конзервативна, јас сум современа млада жена ,облекувањето и однесувањето секогаш ми биле во согласност со возраста, носам и кратко и тесно и разголено, меѓутоа досега не сум ја пречекорила границата на добриот вкус. Разголени фотографии имав и на претходниот албум, бев првата Македонка која сними фотосесија за српскиот ФХМ минатата година, првата Македонка која сними фотосесија за бугарскиот „Макс“, имав понуди и од српскиот и од бугарскиот „Максим“, меѓутоа тоа се уметнички фотографии на кои нема ништо вулгарно и ласцивно, по теркот на она што го прават познатите, почнувајќи од Мадона, Бјонсе, Бритни, Кристина Агилера. Впрочем, привилегија е да си на насловна страница на едно такво списание, бидејќи тие многу внимателно ги избираат личностите.
Како се чувствуваш кога и на тој начин привлекуваш внимание? Особено на машкиот дел од публиката?
- Мислам дека и машката публика ме доживува како привлечна млада жена, досега не сум имала непријатни искуства и непристојно однесување од моите машки обожаватели.
Да позборуваме малку околу албумот „Македонско девојче“. Овој пат (мислам по изведба на „Ружо, Ружице“, од истиот автор) немаше полемики околу творештвото на Златко Ориѓански. Што ти се допаѓа во тој звук особено? Песните звучат традиционално, ама имаат „нешто“ од денешното време, а ти ги пееш особено инспиративно. Тоа ме наведува на помисла дека имаш фаворит. Која ти е омилена и зошто?
- Ми се допаѓа тоа што Златко успеа да направи спој на автентичниот македонски звук со современото. И текстовите се дел од тоа што придонесува за инспиративно пеење и знам дека секој ќе си најде свој фаворит или ќе се препознае.
Како на млад човек, што ти е особено важно? Што ти се приоритетите - семејството, љубовта, студиите? До каде си со факултетот? Кога одиш кај твоите во Битола?
- Приоритет ми се моите блиски луѓе, семејството, љубовта, пријателите. Во Скопје сум сама, но крадам време да поминам еден-два дена кај моите во Битола. Студирам на ФОН, многу сум задоволна од третманот што го имам од страна на професорите, имаат полно разбирање за моите многубројни обврски, меѓутоа веќе се наѕира крајот.
Ти си Бик во зодијакот, знак кој е исклучително врзан за семејството. Сакав да те прашам за сестра ти, која се омажи пред извесен период. Дали близината што ја имавте е уште поизразена?
- Отсекогаш сме многу блиски и приврзани, секојдневно се слушаме, најдобри пријатели и советници сме една на друга, иако таа сега е на специјализација во Софија.
Кои празници ти се омилени? Ја сакаш ли Нова година, ќе настапуваш ли некаде?
- Омилени ми се семејните празници Божик и Велигден, ги поминувам во Битола со моите. Обично не можам да ја доживеам еуфоријата што ја носи Нова година, ја поминувам работно. Оваа година настапувам во Црна Гора на 31 декември,1 и 2 јануари.
За разлика од делот на твоите врсници, можеш да се пофалиш со добра заработувачка. Колку тоа дава чувство на сигурност?
- Точно е дека сум наполно независна веќе долго, но мојата заработувачка е смешна во однос на она што го заработуваат ѕвездите надвор, вклучувајќи ги и некои земји од соседството. Мислам дека и публиката кај нас е свесна дека нашите заработувачки немаат многу нули, а за жал, некои изведувачи имаат скромен живот и секојдневно настапуваат за мали суми.
Знам дека не сакаш да зборуваш за твојата љубов, ама морам да те прашам - би сакала ли да останеш со Дино? Освен физичкиот изглед, со што уште те задржува покрај себе?
- Не е точно дека не сакам да зборувам, за мене секогаш се знаело со кого сум, за разлика од некој други, меѓутоа претерано експонирање на приватноста не е добро. Сметам дека додека една врска функционира како што треба толку треба и да трае.
Се научи ли да направиш компромиси?
- Цел живот правам компромиси... Животот е компромис.
Со кого од естрадата се дружиш и приватно?
- Со повеќето сум во коректни колегијални односи, можеби тоа се должи на тоа што со никој не сум била премногу блиска. Драги ми се Ребека, Андријана, Маја Вукичевиќ...
Дали си посупериорна како пејачка или како идна професорка?
- Како пејач се чувствувам супериорно, а како професорка, искрено, се' уште не можам да се замислам. Никогаш не се знае што носи утре...
Ова е време на приватни бизниси. Би се занимавала ли со тоа, би отворила ли нешто свое, приватно?
- Во овој момент, кога сум постојано на четири тркала низ балканските простори, едвај наоѓам време, така што не размислувам за какво било друго ангажирање.
Што ти е опсесија, страст, без што не можеш?
- Не сум развила опсесивна желба спрема ништо, единствено не можам без луѓето што ги сакам.
Твојата мајка е убава жена, па претпоставувам изгледот е прашање на гените. Правиш ли нешто посебно и што е со храната? Што и како јадеш, знаеш ли да готвиш и што?
- Гените ми се добра подлога да се одржувам во форма. Јадам се' што ми се допаѓа, главно здрава храна, обожавам морски плодови, риба, секакви салати, за среќа, не сум љубител на тешка храна, а и без проблем им одолевам на слатките искушенија. Во последно време се олабавувам со ладно пиво и разни грицки.
http://utrinski.com.mk/?ItemID=89DCD3A8C21CF44382D018AD0895BFE6
За потцртаното едно големо БРАВО за оваа изјава
Фала за информацијата. Каролина беше бонбона, на Биба само не ми доликуваа ниските прашања за татко и, и за Авалон.
Ништо

Не ја гледав вечер, ќе видам реприза ако има.