Датум: 06.05.2012, 14:52
ПОЧНУВА ПРОЕKТОТ БЕЗБЕДЕН ГРАД
Kамерите на МВР од денеска снимаат во Скопје
Безбедносните камери што беа поставени речиси пред две години на сите прометни раскрсници во Скопје од денеска се очекува и официјално да профункционираат. Проектот наречен „Безбеден град“ ќе биде пуштен во употреба денеска, кога се прославува 7 Мај - Денот на полицијата. Отсега натаму над 100 камери поставени на најфреквентните места, на раскрсниците, на влезот и излезот од Скопје, булеварите, мостовите и на улиците што се оптоварени со сообраќај ќе снимаат сообраќајки, инциденти, прекршоци, а снимките ќе може да се користат и за откривање криминалци. Има камери што снимаат само во една позиција, но има и такви што снимаат 360 степени.
Kамерите ќе снимаат 24 часа на ден и првенствено ќе ги ловат сообраќајните прекршоци, возачите што ќе поминат на црвено светло, тие што непрописно ќе се престројат или нема да пропуштат пешак. Kако и во големите европски метрополи и овде казната за несовесните возачи што ќе бидат фатени од камерата ќе им стигнува на домашна адреса.
- Над сто позиции во главниот град се покриени со овие безбедносни камери, а на дел од позициите се поставени камери со можност да снимаат најситни детали. Ниеден сообраќаен прекршок нема да ~ побегне на камерата - велат во МВР.
Снимките како доказ
Овие камери последниве неколку месеци биле тестирани и поврзани во еден единствен мониторинг-систем. Првата фаза од проектот беше спроведена во 2009 година, кога камерите беа набавени. Потоа требаше да се набави софтвер со кој тие не само што ќе се стават во функција туку и ќе се поврзат во единствен систем. Проектот беше одложен, а од МВР тврдеа дека процесот е во застој поради економската криза.
Електронското набљудување ќе се врши во оперативниот центар на МВР. Се очекува таму да се собираат сите податоци, на пример, во случај на сообраќајка ќе се обезбедат видеозапис и фотографија.
Од полицијата велат дека на снимката ќе се види кој е виновникот, а надлежните во оперативниот центар ќе може навреме да ја алармираат и итната медицинска помош.
- Со камерите ќе можеме да реагираме и за брзо решавање на сообраќајниот хаос што се случува во определени периоди од денот и ќе регистрираме неправилности во сообраќајот - велат во МВР и додаваат дека снимките ќе послужат и како доказен материјал за прекршоци или кривични дела што не се поврзани со сообраќајот.
Kамерите ќе се користат и за анализа на густината на сообраќајот во одредени денови и во одредени периоди од денот. Потоа преку анализата ќе може да се усогласи протокот на моторни возила, ќе се штелуваат семафорите за да се усогласат во таканаречен зелен бран.
Експертите предупредуваат дека камерите ќе помогнат да се скрати за четвртина времето потребно за патување од едно до друго место во главниот град со што би се намалила и потрошувачката на гориво кај моторните возила.
Според Законот за безбедноста во сообраќајот на патиштата, полицијата е овластена да снима на јавни места на кои се одвива сообраќај и на кои може да се извршуваат прекршоци во сообраќајот. Снимањето може да се врши и со посебни возила на МВР опремени со посебни уреди. Снимените материјали се чуваат во полиција шест месеци, по што се уништуваат, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка. (А.М.)
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=6E36FFA56A0D374E9026858EF80F172A
Ај на здравје, од денес внимателно возење низ градов оти - ГОЛЕМИОТ БРАТ ТЕ ГЛЕДА....