Македонија
Титовите сили го победија Тито во Советот на градот Скопје
НСДП, партијата на Тито Петковски, кандидатот на опозицијата што влезе во вториот круг за избор за градоначалник на Скопје, нема да има ниту еден советник во Советот на главниот град. Според податоците на Државната изборна комисија, партијата на Петковски освоила 3.347 гласа. Подобар резултат од НСДП имаат постигнато Сојузот на Титови леви сили, независната кандидатка Мила Искреновиќ и Коалицијата заедно за Шуто Оризари. Проекцијата на невладината организација „Мост“ покажува дека Мила и Сојузот на Титови леви сили ќе имаат по еден советник во Советот на градот Скопје.
- Една од причините за ваквиот резултат можеби е тоа што на гласачкото ливче советничката листа на НСДП беше последна. Оние што сакале да гласаат за нас можеби се збуниле, па гласале за Сојузот на Титови леви сили. Но не тврдам дека е така - вели Тито Петковски, претседател на НСДП.
Друга причина за малиот број советнички места што ги освои неговата партија Петковски вели дека е слабата кампања што ја воделе за советничките листи, бидејќи повеќе биле сконцентрирани на градоначалничките избори.
- Иако е под нашите очекувања, сепак не сме незадоволни. Имаме четири советници на територијата на главниот град, во Ѓорче Петров, Центар, Кисела Вода и во Гази Баба- вели Петковски.
Инаку, како кандидат за прв човек на Скопје Петковски освои 60.499 гласа, што му овозможи влегување во вториот круг, во кој противкандидат му е Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ. Но во трката за градоначалничката функција тој влезе со поддршката на СДСМ, кои, пак, одлучија да отидат со своја листа за советници во Советот на градот Скопје. За листата на најголемата опозициска партија гласале 44.963 гласа, што според проекцијата на МОСТ ќе им обезбеди 11 советнички места.
Од друга страна, иако Мирјана Најчевска, кандидатот на ЛДП, не успеа да влезе во вториот круг, партијата што ја кандидира освои три советнички места во главниот град.
Најмалку гласови на советничките листи, односно 676, има освоено Народното движење за Македонија. Речиси сличен број гласови, 632, на изборите за градоначалник на Скопје има освоено Трпе Груевски, кандидатот на Социјалдемократската партија на Македонија, што му го обезбеди последното место во трката за прв човек на главниот град.
Ф.Ц.
И ПО ТИТО ТИТО!!!:salut::salut::salut: