Средношколците од утре се враќаат во училиште, ги прекинаа протестите по средбите со надлежните во Министерството за образование.
Според претставниците на средните училишта кои се сретнале со државниот секретар и со заменик министерот за образование, протестите се ставени во мирување до ноември, кога ќе се полага пилот матурата, но ништо не е решено конкретно, затоа што ниту едните ниту другите попуштаат.
„Немаме конкретно решение сега за сега, ќе бидеме во контакт и натаму, преговорите ќе продолжат, сега се договараме штрајковите да прекинат“, изјави Михаил Младеновски.
„Доколку нашите ставови не се прифатат штрајковите ќе продолжат, утре се враќаме на настава“, рече Мартин Горов.
Министерот Сулејман Рушити ги прими претставниците на Средношколската унија, онаа која во петокот се огради од протестите.
Тие се за полагање на државната матура, но поднеле пет барања за олеснување на испитот.
„Доколку може еден предмет од екстерниот дел да се намали, да се полага само еден предмет во екстерниот дел и еден предмет од интерниот дел“, вели Душан Бекриќ, Средношколска унија.
Рушити им вети само дека во крајниот испит нема да има прашање за она што не го учеле, за протестите ги обвини професорите дека ширеле дезинформации во врска со државната матура.
„Мислам дека има некои луѓе кои самите ученици, во разговори со нив велат, дека професорите им велат дека тоа е многу страшно, вие нема да полагате, зошто не учите. Мислам дека тоа не е начин на комуникација“, кажа Сулејман Рушити.
Масовни протести на средношколците има во сите градови. Охридските матуранти го потсетија премиерот Груевски на минатогодишното ветување.
„Премиерот пред една година истакна дека нашата генерација нема да полага матура“, кажа Бобан Пашоски, средношколска организација-Охрид.
Ако не се реши проблемот со полагањето на државната матура, тетовските средношколци се заканија дека ќе дојдат на протести во Скопје.
„Се очекува на 1 октомври да се оди во Скопје на голем протест, да видиме дали нешто ќе се случи, дали ќе ни попуштат“, вели средношколец од Тетово.
Против полагањето на државната матура на протести излегоа и кумановските средношколци.