Драга...
Премногу ми се спие за да го кажам тоа што сакам да го кажам, ама познавајќи се себе и својата незадржлива желба да ги остварувам своите желби и идеи веднаш, во моментот кога ќе се изродат, знам дека ќе го избуткам и ова до крај.
Прво, почнува да ми се допаѓа навлаката која се создава околу мене. Мислам дека ќе ја задржам. Подобро изгледа од мене, подобро звучи, можеби не толку содржински колку што естетски и што е најважно, подобро е прифатена и сфатена од околината. И не, не е лицемерие. Тоа е единствениот можен компромис помеѓу тоа да бидам целосно несфатена, или уште полошо, погрешно сфатена и апсолутна хипокризија. Плус, полесна е за одржување и надоградување. Мислам дека неа ќе ја праќам да комуницира со светот место мене. Јас ќе останам овде и со личности кои ме познаваат мене подобро од нејзе.
Другата работа што сакав да ти ја кажам е дека сите имаат да кажат нешто дури и тогаш кога немаат. Денес сите имаат две усти а само половина уво. Се повеќе има писатели, новинари, се повеќе луѓе што раскажуваат а се помалку од оние кои читаат а да не зборувам пак за оние кои слушаат, ама вистински а не само потврдно климање со главата и чекање на прва прилика за да ја отворат устата. И така во морето на приказни кои личат една на друга, се повеќе се губи вредноста на кажаното, или се потешко е таа да се пронајде. И секое следно нешто што ќе го прочита личи на претходното, како да се сценарија за некој клише филм на кој откако ќе го видиш почетокот веднаш ја знаеш содржината и крајот.
Драга, ме уби жешково. Одам да си ги ставам нозете во фрижидерот за длабоко.