Сонив многу лошо и два дена снагата ми се тресе, самата помисла на тоа ми е застрашувачка и чувствувам физичка болка во градиве, ме боли до срж. Но, она што ме вознемири повеќе од содржината на сонот е пораката што потсвеста ми ја испрати, ми разбуди минати бури, а зениците носат тага и неспокој, иако видикот кон Шар Планина е кристален. И се прашувам дали навистина ѕвездите ни се водилки или само си поигруваат со нас. Не знам, оддамна беше кога последен пат ги гледав, бидејќи сакам следниот пат кога ќе погледнам нагоре очите да не ми се насолзат. И поразително ми е тоа што сета храброст и сила што животот ми ја подарил во моето магично стапче е бесполезна. Можам само да ги отворам дланките и да се препуштам на судбината, иднината нека одлучи наместо мене, што ќе биде, ќе помине.
Во овој ден летен се` е како сон,
`ко сонот што го ветила Делфина,
`ко сказна од една љубов силна,
што нема крај, ниту почеток има.