Обврски-завршени.
Плејлистата активирана.
Лична нега, комплетирана.
Розето наточено.
Гласните жици и глас на рингтон исклучени. Освен за мајка. Намерно имам направено рингтон празна звучна порака, за да слушнам само таа кога ѕвони во вакви прилики.
И веќе не сум ни во собата, ни виното ни компјутерот, ни погледот на парк.
Четврта година.
Средна редица трета клупа, отворена тетратка, поднаслов Хераклит.
И тој глас.
,, Деца, напишавте ли панта реи? Две точки, ама како јас ви кажувам, немој да ми скратувате. Значи деца, сѐ тече, сѐ се менува... се менува. Не, не е готово, слушај. Сѐ тече, сѐ се менува, ништо не е како што било. Напишавте ли? Целото, нели?" Проверувам дали ја носам тетратката што ја позајмив да препишам од другарка по математика што ни беше следен час. Уф добро е. Насловна страница (употребувам рандом имиња и презимиња, не познавам никого со ова име и презиме) Анче Анчевска, идна Белчевска. Знаете што? По 100 перипетии, врски и ситуации, едно десетина години подоцна тој несмасно напишан минијатурен графит, денес е реалност, плус близначиња. Во овој свет во којшто сѐ толку тече и се менува, дали иднината е единствена константа којашто може да постои со години пред да се покаже, скриена во светот на мечтите и идеите. Дали е всушност тој свет на идеите она шго модерните Инстаграм спиритуалисти се обидуваат да ни го поттурнат и продадат како манифест?
За некој којшто сакал само да го спушти сидрото и да го пензионира бродот на безбедно пристаниште , овие минута и пол од часот беа една нова траума којашто направи тие минута и пол со сите нивни мириси, звуци и движење да ми се врежат во главата и таму да останат дополнителни 18 години.
За некој којшто толку се ужаснува од тие промени, многу од нив бев приморана со свој прв чекор да ги направам. Никогаш не беше дел од некој авантуристички план, едноставно додека правам планови за закотвување, одеднаш се разбранува морето и додека се освестам, бесцелно и доцна е да се вратам како што е на трудница веќе примена на породување.
Првпат кога засвири таа сирена за вонредна состојба, конечно удрив со тупаница по масата и по 8 години реков доста.
Вториот пат кога и покрај сѐ се качив на авионот којшто ми го смени животот.
Третиот пат кога речиси во турканица бев приморана да го преминам мостот којшто во голем очај мислев дека е засекогаш затворен. И сфатив, храброста и акцијата се мојот пат. И секогаш ќе бидат се' додека не се најде безбедното пристаниште.