Од „Браво!“ не се живее
Пофалбата е прилично голем поттикнувач на допаминот. Допаминот е невротрансмитер кој ја контролира реакцијата на мозокот на награда или уживање и е одговорен за мотивација и фокус. Во животот, стремиме кон постигнување на цели, не првенствено заради своја страст или желба за развој, ами поради потребата за потврда и пофалба од другите. За да се живее задоволно и значајно, треба да се постапува со искреност кон работата и активностите кои што не исполнуваат вистински. Не е во ред да го живееме животот заради пофалба од другите. Лично, 2024 ја бележам како презаситен од „Браво!“ изрази, уште сега. За мојот град, за граѓаните и ближните, имам направено како никогаш досега. И тоа ме исполнува, но кога ќе слушнам„Браво!“, сакам да знам дека тоа е од срце, не само површно изговорено, сакам да биде поврзано со искрени чувства, со взаемно продолжување на работите кон позитивно. За мене, пофалбата има вистинска вредност кога е поддржана со хуманост и желба за „раст“, а не кога е само краток рутински израз. Мојата среќа не зависи од количеството на пофалби што ги добивам, туку од сигурноста во моите постигнувања и душевен мир, знаејќи дека работам со цел за подобро утре. Па така, иако прифаќам и ценам пофалба, не ми треба, и не зависам од неа за да се чувствувам исполнет и успешен. Практикувам живот со смисла и значење, без фокус на потврда или пофалба од другите. Целта на писанието не е пофалба, далеку од тоа. Не знам дали е до мене, но во последно време, пофалбите се трансформираат во нешто што не го чувствувам повеќе како потврда за успех, ами како наметнато барање или одговорност, како пат низ кој морам да се движам без размислување. Осетливоста на ова не се мери во тоа колку пофалби добивам, туку во тоа како тоа ме приморува да се однесувам. Навистина, добрите дела стануваат рутина и постојано се очекуваат, па кога одбивам да ги извршам (не заради тоа што не можам, ами заради тоа што знам дека тој што побарал помош, со малку труд може сам да си ја заврши работата), чувствувам нервоза и пасивност кај ближниот. Интересно е како никој не забележува кога сум исцрпен или немотивиран. Луѓето се себични, очекуваат да се прилагодиш на нивните очекувања.