Денеска сум позитивно настроен, па овој пат ќе се потрудам да ја претставам Македонија во позитивно светло.
Многумина од нас сме се соочиле со моментот да пречекаме на гости странски туристи во Македонија. Што правиме тогаш? Одма ги носиме на Матка, Водно, им ги покажуваме прекрасните манастири ширум Македонија и многу други прекрасни нешта.
Па сега, на момент си помислив. Колку прекрасно би било на тие странски туристи да им се презентираат прекрасните пејзажи ширум Македонија, патувајќи со воз.
Едноставно.
Им купувате билет за воз на релација Скопје - Битола и имаат полни 10 часа вистинско доживување. Возот полн, просечно со околу 120 патници, владее пријатна атмосфера. Штотуку тргнал возот, туристите веќе се опуштиле на удобните седишта. На почеток започнало да им студи, па си ги облекеле топлите зимски јакни и продолжиле да уживаат гледајќи низ прозорците.
Таман се приближиле кон Прилеп, кога во Богомила возот застанува и машиновозачот вели народе време е за одмор, на пругата стои друг воз во дефект и ќе мораме да почекаме. Полни 4-5 часа возот си стои во место, туристите и понатаму заслепено уживаат гледајќи низ прозорецот и си велат која убавина.
Започнува да владее нервоза кај останатите патници, па така туристите ќе имаат прилика да научат и неколку Македонски пцовки.
Започнува уште повеќе да студи во патничката кабина, па туристите си ја фрлаат целата облека што ја носат со себе на нивните замрзнати тела, со надеж дека ќе се загреат.
Петтиот час, конечно дошла друга локомотива и го остранила дефектниот воз кој го попречувал движењето. Патувањето и авантурата продолжуваат, на лицата на туристите се забележува топла насмевка.
Вие како домаќин, оваа мизерија веднаш ќе ја фрлите длабоко под тепихот, со што ќе започнете да им раскажувате дека Македонски железници запнале да направат брза пруга од Србија кон Грција, на која ќе се патува со голема брзина.
Со цел првенствено да се заштеди на трошоци за патување, да се намали енормното загадување, едноставно и брзо да се оди летно време на одмор.
Додека, како доказ за нашето гостопримство, попатно ќе им организираме неколкучасовен престој во Зелениково, пауза за растегнување на нозе во Велес, како и бесплатно ноќевање во паркот во Гевгелија. На тој начин странциве ќе ја запознаат темелно Македонија, без брзање.