Вчера го рчнав Бергман и место да се замараат (уствари зошто) со моите глупости, Даедалус и Сусаро одлучија дискусијата да ја однесат у сосема друг правец во тема како сељачизам, дно, биртијаштво и слично.
Од тука надоле читајте за ова па после вратете се на постов што следи во продолжение. Патем, обавезно отворете ги двата поста од Драга Кајгана у постот на Сусаро.
Кафе Бар Буско, село Дељадровци, дупка застаната во времето некаде пред или по смртта на Маршалот.
Екстериерот: Ниска, дугачко-тесна градба со старовремски керамиди и рапава фасада на која лошо се нацртани разно разни уметнички дела како што е кафеава пивска флаша на која пишува Скопско, Кола Кола, Пепси, рандом зелени флаши, кутија цигари и слично.
Над самиот влез кој наликува на оние високи кули пред замоците, стои светлечка реклама Малборо - црвено, од времето кога постоело само такво Малборо.
Сигурно има поминато едно 10 години кога со другарите решивме да идеме таму, да не речам да искочиме, за да пиеме евтино, да се смееме, да генерираме блам, да апсорбираме мизерија и безмилосно да допираме дно.
Ентериерот: На самиот влез наречен обична дрвена куќна влезна врата те очекува мини округол тесен простор каде удираш на прашњава завеса која те дели од главната просторија, односно кафе барот како што сопственикот милува да ја нарече оваа рупетина. Директно наидуваш на дрско ќумбе од кое гори огин а до него стојат наредени дрва кои чекаат да бидат изгорени се со цел гостите пријатно да се осеќаат. Десно имаш една полупросторија каде што се сместени 2 сепариња, сигурно ова е вип делот каде на ѕидот обложен со дрвена ламперија има закачено новогодишни шаренобојни сијалички.
Во непосредна близина се наоѓа шанкот пред кое има едно високо столче на кое гордо седи сопственикот, газдата, избацивачот, односно дежурниот грижач за јавниот ред и мир, секако и ложач на огинот. Внатре во шанкот работи шанкерката односно домаќинката која е и келнерка воедно. Ваљда и скара мајсторка. Од шанкот па долж целата просторија објаснета подоле, место класичен ѕид имаш огромна завеса позади која поима неам што има, најверојатно е пуна сталажи со зимница, фридижер за длабоко, точак, гајби пиво, пакети вино, и понекое старо искршено столче.
Местото за обичните гости е исполнето со неколку мали и стари маси со по 4-5 дрвени, расклатени, старовремски столчиња, чат пат се наоѓа и некое пластично дворско столче. Масите се покриени со стар и никогаш испран, полн со дупки од цигари, чаршав. На некои од масите може да се види и мушама која фино лепо е прикована со шајчиња. Секако пепељари, рандом, но сепак брендирани како Камел, Малборо, Лорд, ХаБе и она староно знакче на Лаки Страјк. Рака на срце уредно истресени но неиспрани односно декорирани со улепен пепел и по некоја мастика.
Дел од гостите уживаат во мезе наречено кебапи сервирани во железен тањир. За пиење строго Скопско ѕидарско, бело и црвено вино. Нормално и ракија, домашна брља, мртва уста да ја пие. Не се сомневам во изборот на вина а тоа е амбалажата позната како социјалка односно бомба, пластична дволитарка, евтино и бедно отпадно купечко вино. Ние пиевме шприцер и од послугата добивме пластичен бокал каков што сеуште имам дома, жолт со портокалов капак на кое пишува Натурана, купен од продавница, гарант со гратис прашок за растварање со обид за вкус на сок. Бомба вино и кисела вода у пластично шише секако. Чаши обични и сите различни.
Од свадбарскиот звучник немилосрдно трешти хард кор и премногу тешка шабанарија која датира од златните времиња на култниот Јужни Ветар и нивните соработки со тогашните најголеми шабански ѕвезди во Ју просторите.
Клиентелата е воглавно машка, локална, неубаво облечена, која седи, пие и муабети, што би се рекло ја оправа државата. Се разбира сето ова стои додека не се вжешти атмосферата каде е тенка границата помеѓу ``шо ме глеаш`` и прегрнат со рандомец кој на уво ти вика `шта` на прелазот меѓу `зато што сам ти` и `веровала слепо` па заедно продужувате `волела сам те, лагао си лепо` итн.
Да, во вип ложата на сепарињата може да се види и некоја дама од Довезенце или Студена Бара излезена со дечкото кој претходно и се фалел кај ќе ја носи. Апсолутно ги знае сите песни, пие бунар од споменатото бомба вино мешано со Кватро сок со вкус на Швепс и јабуки директно од дворот на сопственикот на кафе барот.
Пригушеното црвено светло, новогодишните сијалички и зелената сијалица над самиот влез внатре, на кафе бар Буско му даваат една језива Дејвид Линчовска атмосфера од Blue Velvet и Lost Highway каде се прелева Enter the Void на Гаспар Ное измешан со Суспириа на Дарио Аргенто.
Сето ова еднаш го искусив напушен од сканк.
Поминаа години и кога бев прилично сигурен дека вакви места веќе не постојат на светов (хехе секако) бев шокиран кога пред 1 година мртов пијан и понесен од приватната забава кај едни пријатели србенди каде заедно со песните на Баја Мали Книнџа го вративме Косово онаму каде што припаѓа, бев однесен на докусурување во Трубарево, на местото едноставно наречено Кај Снеки.
Димната завеса предизвикана од фуриозното пушење цигари внатре во локалот за момент ти го попречува видикот и од прва не можеш убаво да го видиш сиот тој џган насобран внатре се додека не седнеш на обичната и нималце естетски дотерана маса каде се служи Скопско ѕидарско, бомба вино, за воља на вистината имаше и Тиквеш Смедеревка и кебапи сервирани во пластични тањирчиња со барут сув помфрит.
Во еден ќош е сместен синтисајзеристот на добро познатиот Корг за кој се сомневам дека воопшто свири во живо а не користи флопи диск или усб каде се ставени инструменталки од рандом шабанарии па овој со прстите само онака штрака по дирките на легендарниот инструмент. Низ локалот царува очајно лошата пејачка која повеќе крека одошто пее но сепак на пијаната стока тоа не и смета и ужива кога и пика пари и ја допира насекаде низ телото, секако дискретно.
Тогаш бев толку многу пијан што само шљокав од ѕидарското и ја посматрав целата таа атмосфера. Од страна сигурно изгледав како Џони Деп у Fear and Loathing in Las Vegas изупропастен од разно разни спидови, трипови, крокодили, метадони и кајкурзнам што друго.