Драга,
додека се измачувам да научам нов јазик, затоа што на работа го немам луксузот да се дружам со македонци, опкружен со германци и по неколку руси, животов си го загорчувам со идејата да го научам јазикот. Луѓе како луѓе. Не се воопшто поразлични од нас. Сите тие лаги за ладни, безчуствителни луѓе. Ако има некој што можи да биди три пати поладен и побезчуствителен, тоа е некој извесен лик од западен балкан - како јас на пример. Тефтери, 100ци зборови на ден, понекогаш и цели реченици запишани во нив, на пример es ging ihm schlecht, trotzdem erledigte er seine Arbeit - му одеше лошо, но ја завршуваше својата работа. Клавам извичници и на лицето ми се појавува полу кисел, полу огорчен насмев. Сам сум, без моето семејство. Од работа не можам ни да помислам на чувството на празнина и недостиг. Но, ми се јави сестра ми и ми кажа дека се уште не можат да се навикнат на моето отсуство. Фалиш. Владее некоја непријатна тишина. Како секој агол од куќата да е празен, решила да спија во мојата соба.
Денес решив да слушам македонско за промена. Умот ми се одмори што, го слушнав славејов како вези на македонски. Ме потсети на деновите кога го изваде Албумот (со големо А). Јас како дете, имаше некоја чистина во тоа, да се расти во Македонија. Не сум ироничен. Настрана од сета политичка багра за која јас во тоа време не бев свесен, освен во оние моменти кога ќе видев по некоја солза од мајка ми, пролеана пред телевизор по смртта на Борис Трајковски на пример. Мојата мајка, мојата религија, мојот ангел, таа која се грижеше за се, мојот чист бел, охридски лебед, го плачеше македонскиот претседател, кој загина во хеликоптерска несреќа. Години подоцна прочитав дека ликот бил одликуван со орден на заслуги од страна на Елизабета од Англија. Чинот гласел Витез, го одликувала со меч на рамо, како да е Винстон Черчил. Владееше оптимизам во Македонија. Но нешто беше труло.
Па ми текнува на реалноста, беше исклучително тешко, сиромашно детство, но сепак некако чисто. Чисти беа некои ликови како Проески. Обожавав музика, за моја најголема среќа македонската го доживуваше својот најголем врв на сите времиња. Беше професионална, со љубов, немаше простор за аматерство. Ние сме големи. Нешто во врска со нас, така мали, е вистински грандиозно. Јас го гледав на тв и се идентиикував со него - ова сме ние, ова сум јас, детски некаде во потсвеста.
Го слушам и денес, овој пат во доменот на свесното, опипливо. Ова бевме ние.
Лошо ти стои за се да се правдаш, а чекаш да си со него. Ти завидувам што не ти прилега да бришеш солзи со ракави. Плачеш за крај. А и таква си убава, знај.