Веќе подолго време имам прифатено малку полиберални, или подобро кажано слободоумни ставови, барем во однос на просекот во државата колку што ми даваат можност социјалните околности. Станав голем поддржувач на секакви права на изразување, вклучувајќи ги и контроверзните ЛГБТ секако. Во тотална спротивност сум со идеите за национализмот, изолација, ограничување, цензурирање, забрана за слободно изразување и дискриминација врз база на карактеристика, верување или определеност.
Ама, кога и да сум се соочил со некој кој не ги дели овие ставови, никогаш не сум осеќал нешто повеќе од нервоза и напињање. Иако сум станувал црвен у фацата од мојот судир со личност која е сосема спротивна од мене (на пример не можам да ги смислам фудбалските националистички фанатици у државава, оние кои активно веруваат во некаква чистокрвност и идеја за супериорност, очигледно е за каков тип на луѓе зборувам), сфаќам дека не сум го земал максимално при срце колку што може да се земе. Пошто разбирам, имаме различни ставови и тоа е тоа, тапа ми е што така размислуваат, меѓутоа јебига, цел свет е поделен на полиберални и поконзервативни луѓе. Во овој сегмент ни јас ни тие не сме ништо поразлични, да не функционираше вака светот ваљда немаше да биде интересно. Све е тоа океј, луѓе сме, различни сме, јебига. Затоа одлучив никогаш да не го наметнувам моето мислење на други, и да не ги присилувам другите да размислуваат како мене, ни да ги следат моите замисли. Бидејќи знам дека ни јас не сум секогаш во право, и не сакам да наведам некого на погрешно размислување кога сум згрешил.
Меѓутоа денешново чувство го доживеав првпат. Нешто што е сосема надвор од овие граници за кои што зборев претходно, нешто надвор од политички спектар и гледање на работите. Нешто трето. Никогаш претходно не сум осетил ваков срам со тоа со кого јас градам општество и делам држава, како со типот кој ги вреѓаше и исмеваше луѓето за корона вирусот. Неизживеан идиот без грам мозок, емпатија, осет за социјални околности, ум наполнет со токсични хемикалии кои му ги сервира опкружувањето, се снима како пробува да ги исмева луѓето кои немаат врска со ова, а всушност не разбира дека ги исмева токму своите сограѓани, „топлиот балкански гостопримлив народ“, не само што себе си се претставува како необразован расист. Не само што не разбира, веројатно е и горд на неговата глупавост.
Чувството кое што го добив беше СРАМ, од тоа со кого живеам. Срам од тоа на каков човек сум му јас сограѓанин всушност. За трагедијата да биде поголема, испадна дека луѓето се всушност Корејци кои дошле во основно училиште во Св. Николе за да водат работилница за
мир, толеранција и меѓусебно почитување! Притоа ги наградиле дечињата со подароци...
Сум бил изнервиран, сум се осеќал глупо, ме напињале сограѓани, сум се карал за триста работи, меѓутоа никогаш не сум бил вака засрамен. Што се надевам дека можам да направам нешто позитивно, дека можам да дадам некаков придонес, да не бидам вклучен у еден кафеав шљам-лајно боја која ја шират ваквиве кои ме опкружуваат. И ми се комбинираат слики од Тоше на пример кој секад збореше за меѓусебно сакање, а истите луѓе кои се крстеа во него денес израснаа во фашисти кои му ги превртеа зборовите и го користат за да шират изопачена идеологија. Си мислам на оние големите богољубци, христијани и тешки верници кои демек живеат скромно, проповедаат мир на најблиските и све да биде супер, само здравје и среќа, освен ако не се работи за црнец, албанец, ром, кинез, или било која друга припадност шо не е бел чистокрвен „наш“ човек. Оние кои се претставуваат како белосветци, а всушност ја играат улогата која што ја има „толпата“ во филмовите која нема капацитет да ја разбере поголемата слика, и секогаш го оцрнува херојот, и успеваат да бидат изманипулирани при својата глупост. Тоа е нашиот народ во целава приказна, а јас сум дел од него. Јас сум „ние“, и не можам и не сакам да се издвојам од него, бидејќи ни јас не сум ништо посебно.
Нити едно мењање име, власт, партија или било што нема да ја оправи оваа држава и народ што се траска као човек што се препил вечерта и сеа се тетерави по улица, сите го гледаат, му се смеат, тој пцуе, колне и се дере наоколу без осет за себе, сите му се криви. Никакво приклонување кон некаква идеологија, цел, или идеја нема да не среди, никаква политика, никаква филозофија. Не постои магичен лек за средување на ова дно, буквално треба да влеземе во сосема нова димензија на размислување како суштества за да почнеме да сфаќаме кај се наоѓаме и од што сме дел.
А до тогаш секој ден ќе гледаме скандал кај што различен идиот ќе прави нешто идиотско, и тоа ќе го препишуваме на партија, на етничка припадност, на нација, на култура, на било што, само не на она што точно смрди.
А за добриве луѓе...
... кои беа посрамени од НАС, колективот што го застапуваше тој ИДИОТ, и не направи сите ИДИОТИ, се надевам дека државата ќе им испрати некакво извинување, награда за смиреноста, пофалница, некакво, било какво признание колку да направи некој гест за да не одбрука малку. Ако можеше факинг Еди Рама лично да се извини на тие туристите што беа нападнати од оној идиотот летово во Албанија, ваљда не бива и нас да го излижеме тоа што сме го пљукнале.
- Doing the right thing in a fallen world is a group effort -
Доста е за сега, нареден rant за остантите 999 лајна у кои пливаме како ентитет.