Никогаш не сум важел за посебно оптимистечен човек, жизнерадосен што би се рекло. Онака, никогаш не сум имал лабав поглед на животот, цело време живеам со грижи, спомени и неспокој. Секогаш сум бил на триста ума. Никогаш не научив баш да уживам во животот, на сонцето да се радувам, на убавината што го носи утрото, на убавината во патувањето, на убавината во зајдисонцето, на убавината на некои ситни успеси кои ги имам постигнато. (значи, сум се радувал, се`, ама не знам да уживам во нив, да седнам во спокој и да тлее тоа во мене, да се расплинува тоа во сите мои виуги). И сето тоа, ок, го разбирам и прифаќам тој дел од мене и се трудам да го изменам и се` ок, ама секогаш сум се трудел односот со другите да не го дефинира моето доживување на светот, да не им тежи, да не ги трујам едноставно. Секако, со некои луѓе имам зборувано и така натаму. Но, што ми беше муабетот. Имам другар кој ми ја цица цела енергија. Два месеци ми се жали за сите можни ситници што животот ни ги носи. Мислам, разбирам, секогаш сум тука да ислушам, да помогнам со совет, секогаш сум ја сакал таа улога на човек кој е покрај другарите и никогаш не би се откажал од нејзе. Но, не знам, толку токсично ми влијае (првпат го користам овој збор токсично). Онака, пет минути ќе се сретнеме и ми ги реди истите проблеми, со истите зборови, со истиот редослед, со истиот тон и не ги слуша советите. Драг ми е, ама не можам повеќе. Му се крева притисокот за тоа што водите во пакет во супермаркет се ставени позади обичните води и почнува да урла, да пцуе, да колне. Мислам, ок, ама не можам.