Кајгич
Ме фаќа носталгија за едно време.
Време во кое знаевме да го цениме другарството, меѓусебната почит, хуманоста.
Ми недостасува времето кога безгрижно гризев парче леб намачкан со маргарин, а бонус беше ако имаше одозгора црвена пипер или вегета и само ја слушаш најчесто изговорената реченица „Дај еден гриз“
или како вчера да беше денот кога го добив мојот прв пони точак, па се собраа сите деца од улицата и само слушаш „дај едно кругче“.
Кога го донесе татко ми првиот телевизор во боја и со далечински управувач мислев дека дома имаме вселенско летало.
Играњето со топка, криенка, ластик, фудбал машки против женски, раскрвавени колена, крадење на највкусните сливи петровки, а тоа киселина во уста не се ставаа, ама сепак адреналинот беше до плафон, да не не фатат
Во училиште бев главна фаца кога тетка ми од Шведска ми донесе пенкало со сите бои.
Вечната дилема, тетратка со коцки или тетратка со широки линии, кога одиш на роденденска забава, тетратката и моливот беа главен подарок, гума за бришење се носеше, ако ти е славеникот поблизок
Секое лето мојата најдобра другарка одеше на летен распуст по 2 месеци во селото Дедебалци
. Кога ќе се вратеше од таму, ми прераскажуваше како си поминала таму, што правела за време на летниот распуст и сето тоа го раскажуваше со толку жар и восхит, што ми беше ептен криво затоа што јас немам баба и дедо во Дедебалци. Чиниш Дедебалци е Париз
Денес ми е криво што децава незнаат да се радуваат на ништо.
Имаат се, имаат секакви можности, но го немаат најважното немаат ДЕТСТВО, за жал.