Таа клоцка. Ми кажува да не се наведнувам многу многу. Да престанам да си го набљудувам лицето. Ми кажува да бидам директна.
Бара чоколада навечер, а можеби и двете сме крајни немирки и невоспитани во однос на храна. Затоа утрово на лево рамо, мала алергија. Е па нугат крем чоколадна пралинка во 23:11 не е најпаметен избор. Скришум го спакував фолиичето и го пикнав во фиока. Се кријам од сама себе? Не знам. Патологии.
Си зборувам со неа, ѝ плачам. Ѝ кажувам дека татко и е безмерно будало човече кое е нејзин надворешен набљудувач и внатрешен крој. Пишувам песни за неа, нема бегање и одлично е.
Избегнувам да им објаснувам на луѓе што ми е. Ти си ми. Ми се случуваш сега ти. Најважната алка во ланецот состојби. И без патетичните моменти, просто е различно кога знаеш дека имаш нешто поголемо од тебе. Поголемо од сите глупости. И од сите важни работи. Мерките за фустан, нежниот акцент на моја Лела и математиките за американски сатен и чипка.
А потоа следуваат пченкарни мафини, смуди од портокал и банана, меланхолија здиплена на пола и ставена во плакар сосе чистите пешкири, Liberian girl на звучници и посета на пазар пладнево.
Во совршено време со несовршени околности ми се менува светот.
Ти благодарам, малечка моја.