Демир Хисар - провинција! - Ама што зборуваш?
Репортажа (Welcome to our mental hospital-ity)
Четврток попладне, полека прибирам идеи за тема за следниот број на Форум, кога ми заѕвоне телефонот. Другар ми Влатко од “Деј оф” ми вели дека ќе свират во Демир Хисар и ме прашува дали сакам да дојдам. Му велам: не знам, зафатен сум, а во недела сум дежурен на порталот, тешко. Но како што минуваше времето, љубопитноста не ми дозволи да останам во Скопје, тркнав да земам патен налог и кога ме прашаа каде ќе одам, се изначудија. Колегите ми се изнасмеаја и ме прашаа: што мајка барам во таа недојдија!
Пишува: Мирче ЧАШУЛЕ
Сабота наутро. Го собирам Влатко од дома и нашето мало патешествие започна.
Времето беше пекол, но љубопитноста - одам да видам нешто непознато - не дозволи сонцето да ми удри в глава.
Стигнавме до Кичево, се одделивме од главниот пат и се приклучивме на локалниот, за Демир Хисар. Природата фасцинантна, прекрасно зеленило, недопрени пространства...
Застанавме во селото Железник. Стари трошни куќарки нанижани со милион везени пиперки што се сушат на капиџиците, пенџерињата, чардаците. Вистинска идила...
Од некаде ќе се појавеше некое намуртено бапче, љубопитно и со доза недоверба, и ќе прашаше што сликаме?
Веднаш до местото каде што го паркиравме автомобилот, пред очи ни се појави една огромна напуштена куќа, на која со огромни букви пишуваше: ДИСКО! Ѕидовите на оваа распадната дискотека сигурно кријат недоискажани приказни, што ќе останат за другпат, за некоја друга прилика.
Пополека го напуштивме Железник и се приближивме кон Демир Хисар. На патот само ние и понекој заскитан моторџија од релито околу Македонија...
Договорот со Влатко беше пред да влеземе во Демир Хисар, да застанеме до селото Прибилци и да го запознаеме Васко Давидовски, легендата на овие краишта.
Искрено речено, договорот не ми се допадна, затоа што мислев дека ќе биде само изгубено време. Сакав покрај сето патешествие да се вратиме бргу и да го гледаме фудбалскиот натпревар помеѓу Македонија и Шкотска...
ВАСКО МУДУРОТ
Како што се доближувавме до куќата на Давидовски, растеше нетрпението, но селскиот мирис кој не може да се опише со зборови создаваше чувство на смиреност и нештата ги гледавме со други очи.
Кога стигнавме пред куќата на Васко, нè пречекаа Берто и Лошко, мали селски џукелчиња, кои од радост, погалени безмалку ќе прозбореа. Додека се занимававме со кучињата, одекна:
“I’m born next door to the mental hospital!”
Васко Мудурот, како што Давидовски е попознат во овие краишта, маж во доцни четириесетина години, со моторџиска става, брада и долга коса, небаре крал на рокенролот, насмеан нè покани да влеземе во дворот и срдечно нè понуди со домашна сливова ракија - брендирана како мудурскаја .
Ние како класични скопски, да не кажам што, одбивме со изговор дека надвор е многу топло. Побаравме кисела вода. Одненадеж се слушна звук на моторче. Доита мајка му на Васко - баба Елена, малку налутена што сме ја прекинале во гледањето Формула 1.
Седиме во дворот, околу нас се шетаат кокошки, кучиња, мачиња. Сите живеат во хармонија. Васко и Влатко започнаа некој неврзан муабет додека јас како урбано шминкерче почнав да се привикнувам на оваа, за мене, непозната селска идила.
Дворот околу нас - приказна за себе. Буриња со ракија мудурскаја, десетина сливи, домати, пиперки и еден нетипичен рокерски земјоделец, кој со неговиот шарм полека почна да ни навлегува под кожа. Веднаш сфативме дека се запознавме со вистинскиот човек кој ќе нè води низ оваа демирхисарска приказна.
Васко Мудурот не само што е agriculture rocker, туку тој е и производител на аудиоопрема. Ја произведува во неговото село и во Скопје. Повеќето локали и бендови во Македонија поседуваат опрема од “Про Аудио”, произведена со квалитет, рамо до рамо со светските брендови, во селска куќа - маде ин Прибилци.
Но, тука не завршува приказната за Мудурот. Васко не само што е рокер, земјоделец и малостопанственик, туку тој е и пасиониран моторџија. Вози јамаха вираго низ овие диви, волшебни краишта, како да е лик од филмовите на Тарантино.
ЖЕНИ!! ЛУДНИЦА!!
Заминавме од домот на Васко. Конечно тргнавме кон последната дестинација - Демир Хисар.
Стасавме и се сместивме во локалниот мотел Чичко Таљо, на газда Тони Боцевски, локален бизнис ентузијаст, кој не се предава и му предвидува светла туристичка иднина на овој крај.
Услугата кај Чичко Таљо е одлична, јадењето како да не е од овој пластичен свет, а сместувањето може да се мери и со хотели од средна па дури и висока категорија.
Како што навлегувавме подлабоко во денот, така и уморот измешан со мудурскаја си го зеде својот данок. Отидовме во собата, се истуширавме, прилегнавме... пополека се подготвувавме за ноќниот живот во Демир Хисар!
Од мотелот тргнавме без никакви очекувања и пристигнавме во кафулето Пејковски, уште едно пријатно изненадување. Модерен локал на кој можат да му позавидат поголем број кафулиња во Скопје .
Дечките од Деј оф (Крле, Тане, Диме - Фемко и Влатко), почнаа да ја поставуваат опремата, вистинска прилика за анализа на локалните ликови. Она што следуваше, нè занеме. Како почна да се полни местото, така почнавме да се вљубуваме во секоја убавица што влезе во Пејковски! Убави, наконтени, средени, намирисани и облечени по последна мода, небаре си излегол во некоја елитна дискотека.
“Жени лудница”, белки создадени од чистиот воздух, бистрата вода, благородното сонце, дарежливата природа... не знам. Останавме “смрзнати”.
Локалот набргу се преполни, пристигна и една група моторџии од Клубот Потфат од Скопје. Фасцинирани од “убавините на Демир Хисар”, не сакаа да го напуштат локалот.
За цените на пијалаците да не зборуваме: пиј, пиј, пиј, пиј - сметка 600 денари. Во Скопје сигурно би нè чинело 1.500 денари, ако не и повеќе, без, се разбира, благородната убавина што нè преплави и плени!.
Атмосферата - лудница. Луѓево ем убави, па уште знаат да се журкаат, па и ги знаат сите нумери во тренд, што нè изненади уште повеќе!
Во врвулицата нè забележа и еден македонски блуз-номад, легендарниот Игор Џамбазов. Летниот одмор го минува шетајќи низ Македонија. Игор е посебна приказна. Се договоривме да се најдеме утредента и тој да нè прошета низ околината.
Welcome to test our test our spriritual and mentarl HOSPITAL-ity
Ова се зборовите од музиката на нашиот Васко Мудурот. Тие најдобро зборуваат за гостопримството во ова гратче.
Демир Хисар е дом и на локалниот рок-состав Ревелејшн создаден од локалните рок-романтичари: Мичо, Слеш, Славчо и Аце.
Со дечките од бендот се сретнавме во кафулето Пејковски, ден потоа. Секој со своја приказна: вокалот е дипломиран археолог, гитаристот работи во пиварница, додека басистот и тапанарот се локални слободни уметници, творци на урбаната приказна на ова мало гратче во срцето на Македонија.
Малку мамурни од ноќната свирка, упорно ни тврдеа дека рокот е жив! Свирките им се добро посетени, се борат младите од овој крај да не станат жртви на турбофолкот. Засега немаат планови да си заминат од Демир Хисар. Сметаат дека треба да се преземат многу нешта за младите да останат дома, културно да го урбанизираат овој сè уште рурален крај.
Конечно, Демир Хисар не е само град со душевна болница - ова е гратче со душа и срце и со прекрасни луѓе, китка од hospitality!
Форум.ком.мк