Како прво, сосема ги оправдувам оние на кои им е сон да отидат во ветените земји. Шетаните луѓе се секогаш поотракани и ако им успее да бидат среќни во туѓина, зошто да не...само напред!
Но што се однесува до мене, пробав, ама...Добро, не можам ништо децидно да тврдам, ама сега за сега, се` уште ни е фино тука. Имам сопруг странец, место за живеење во центарот на огромна и просперитетна европска метропола, можности за вработување, ама ја немам - домата. И џабе ми е мене да седам „во странство“, само за да бидам надвор и за комшиите да мислат дека којзнае каков живот тераме таму некаде, кога секојдневно ќе го чкрткам поминатиот ден од календарот, броејќи кога ќе си дојдам дома. Имам милијарда пријатели надвор. Отидени се од немајкаде, ама животот им се состои од работа и седење на нет за да си направат муабет со оние од Скопје и да си поплачат. Не сакам таков живот. Го сакам она чувство на одење со крената глава по моите улици, здраво-здраво на секој чекор и она што сум некој и нешто токму тука.