Сакам што после жестока кавга започната од ситница а продолжена од инает, не ни се потребни зборови да се смириме. Сакам што знаеш кога треба, а кога не треба да ми попуштиш.
Сакам што знаеш да се извиниш кога ќе сфатиш дека си згрешил. А сакам и што знаеш колку ми е тешко јас да признаам дека сум згрешила и ми дозволуваш да се извинам со дела наместо со зборови.
Сакам кога ќе ја ставам главата на твојот скут и така склопчена ќе заспијам додека ме галиш по косата.
Сакам кога целата ноќ ќе ја поминеме гушнати и испреплетени еден со друг. Сакам и кога со штотуку сварено кафе ќе ме разбудиш пред да тргнеш на работа, иако понекогаш те пцујам заради тоа.
Сакам кога ми помагаш додека готвам некои досега невидени специјалитети кои сама ги измислувам. И сакам кога по неуспешниот експеримент ќе се насмееш и ќе порачаш пица. Сакам и што знаеш колку мразам да мијам садови и скоро секогаш ти го правиш тоа.
Сакам кога се смееме со часови без посебна причина. Или кога јас плачам без посебна причина, а ти сепак си тука да ме гушнеш и држиш за рака.
Сакам што ме сакаш ваква каква што сум, тврдоглава и неподнослива... Не сакам кога ти си тврдоглав и неподнослив, ама сепак те толерирам пошто знам дека после толку години покрај мене, право чудо е што се уште си психички стабилен.
Сакам што еден на друг не си ги знаеме само убавите, туку и лошите страни, но и покрај тоа еден за друг сме совршени. Ете, тоа е зборот - совршенство. Бидејќи со тебе секој ден, секој миг, колку и да е обичен, за мене е совршен.