На денешен ден пред 2 години седевме на Костурница. Додека ја имав гушнато ми се испушти едно „те сакам". Првото те сакам. Молчеше. Си реков во себе, будало една, види кога е возот за назад и враќај се одма зашто овде со оваа љубов ја оплеска.
Останав. Остана и таа. Денес повторно ѝ кажав дека ја сакам. Така две зборчиња секој ден се сретнуваат по прв и последен пат.
А тогаш беше како да читаш десет книги за шахот и се спремаш напорно со какви потези да почнеш и како најбрзо по шема да направиш мат, па се среќаваш со противникот и ниедно правило ни теорија веќе не важат. Мене кога љубам и дишењето ми станува тешко.
Кога Надја му се обраќа на Бретон, вели „Јас сум мисла за капење во просторија без огледала". Од сите реченици што сум ги прочитал таа ми остана за неа. И кога помислувам на таа реченица се прашувам зошто? Истото се прашувам и кога ја гледам в очи.
А да почнам да кажувам некому за неа, треба да земам цигара в рака (за да ме направи сериозен) во Џез Ин или некое друго такво место, додека во позадина свири Том Вејтс, и при издишување чад од носот, да му речам - знам како најдобро да ја љубам.
А не пушам. Не ни зборувам за неа гласно. Ја љубам тивко, како звукот на штурците во летен воздух.