Прва Новогодишна ноќ во која не си ни честитавме меѓусебно. И чудно, ама прилично мирно го поднесов твоето отсуство, дури имав и неверојатно мирен сон таа ноќ, што е секако уште еден раритет плус.
Кога вчера го видов твоето име на направата, која често беше наш посредник за одвивање на нашите најепски битки, во првиот миг дури и не бев ни најмалку вознемирена. Го подесив сопствениот глас на онаа метална нота, која остава впечаток на тешка пристапност и висока резервираност, твојата изнасилено еуфорична ентузијастичка нота е виновна за тоа. Всушност, за кратко потпишав капитулација и бев истата, толку неразумно искрена и спонтана ексклузивно за тебе, дури и на твоето се‘ најдобро посакување, како од рафал го испукав своето ,,те заболе тебе ку*от за мене,,.
Колку софистицирана и исконтролирана, високорафинирана и полна манири елоквенција на една образована и фина млада дама, нели?! Тоа што уште знаеш да го извлечеш најлошото и најдоброто од мене е за своевидна почит. Инаку немаше ни милиграм револт во мојот глас и не ти префрлав за отсуството на чувството, туку на делата, поточно твојата вечна апстиненција од акција, која тебе толку те краси и нас вечно (ќе)не‘ гнаси.
Еј, дебелоглав, дури и оној период кога бевме ние = јас+ти, толку елементарно едноставно и моќно истовремено равенство, се чини толку туѓ, само врела и енергична шлаканица на спомените, ме освестува дека тоа сепак била еднаш наша реалност... Во задниот дел од твојата стара кола, на -15 по Целзиус, кога со саати лежевме голи и повеќекратно се водиљубевме, на замагленото стакло ми нацрта две паралелни линии, убедувајќи ме дека погорната е твојата љубов, која јас никогаш нема да успеам да ја достигнам, на моето негодување, ми нацрта насмеано смајли... Кога не си заминувавме дома без да ги разрешиме и најмалите несогласувања претходно, кога те гледав немо и буквално верував дека мојата егзистенција, надвор од твојата е невозможна... Кога бевме толку лути и јас поминав пред твојата зграда, од другата страна на улицата и дури трчајќи го довикуваше моето име, се правев дека не сум те забележала, додека не ме стигна, при што ги прекрстив рацете формирајќи невербален – не ми приоѓај – гард, а ти почна толку силно да ме гушкаш, што ги затворив очите и ми се причини дека Земјата ја запрела својата ротација... Кога ти ја простив шлаканицата за фотографирањето со колегата, на кој беше љубоморен, на истата онаа прослава, кога од четири часа, јас поминав добри три во ходникот на ресторанот, додека ја распрснував твојата неоправдана параноја, а јас добив поглед полн прекор со глазура потсмев, од моите колеги... Би продолжила, ама која е поентата, кога твојот најголем страв е да не те заборавам, твојата најголема амбиција беше да си изградиш бесмртност во моите спомени, наместо да ја градиш нашата иднина на стабилни темели...
И уште една иронија е што оној ултимејт бич атитјуд, кој секогаш сакаше да го имам кон другите машки, сега ми е усовршен до максимум. Би бил горд на мене, иако нема ни да ти се верува колку станав вешта во истото. И не од обзир кон тебе, ти тоа не го ни заслужуваш, туку едноставно губам интерес и станувам или ледено рамнодушна или нападно дрска, некаде прочитав дека се нарекува постојаното губење интерес синдром на скакулец, станав проклет скакулец заробен во женско човечко тело, скокам од еден до друг душевен амбис и никаде не го наоѓам својот мир, со никого. Не сум имала никој освен тебе, ни после тебе, во овие скоро 8 години, од кои 7 беа нашата неславна љубовна приказна, имам сериозни оштетувања во емотивниот софтвер, нефер сум кон себе и кон другите, за проекција и трансфер на минати негативни искуства, а истовремено сум немоќна кон истото, сје*ана сум сериозно...
Се чудам колку лесно и без цензура ти го открив цело мое минато, што мислиш колку девојки го сториле истото, м?! Тоа, ако веќе се случи, настанува од едно единствено уверување – дека ќе сте заедно за навек. Иако, нема ништо такво мој *****. Упс, грешка, не си мој повеќе, човек долго е роб на навиките, ова беше само рефлекс, слично како декапитираната жаба на галванска струја . Сега си со поласкави атрибути, далеку подобра професионална позиција и полуксузна кола, а јас уште сум врзана за стариот ти, без оваа помпезна своина, сигурно ова би изгледало смешно во очите на девојките родени во ерата на мобилната телефонија, јас сум од оние олд фешн модели девојки со застарен софтвер, такви веќе не се произведуваат...
Те сакам. Колку долго не си го чул од мои усни ова, изговорено спонатано, искрено, онака како што треба и доликува. Не онака како што воглавно било низ годините на поместување на границите на нашата љубов, секс, лудило, казни, трагано по истото... Не на начин на кој што било изнудувано низ конфликти, кога се сугерирала негација на истото... Не ни на начин кога било изнудувано низ прашална форма, па само интуицијата на екстремна блискост би го препознала и најмалото гласовно поттреперување и изгубениот сјај на погледот, поради страв од тоа дека одговорот може и да не е афирмативен.
Знаеш колку убаво дете можевме да создадеме?! Сигурно ќе имаше пуцвал темна косичка, моите црни или твоите зелени очи, а устата и запчињата (без разлика чии и кај двајцата се еден од главните атрибути) право мало, совршено човече, независно од кој пол... види не‘, наместо тоа имаме стерилни срца и автодеструктивни мисли, ништо добро не сме веќе кадарни да создадеме заедно...
Те сакам, иако знам дека ти не си
тој и не си
таков. И ова ми создава поголема болка отколку никогаш да не си ме сакал. Ова е мојот непребол и казна заради која сме осудени на вечна разделба...