Се разбира дека да. Ја имав таа среќа да налетам на личност со која функционирам речиси беспрекорно. Велам среќа, зашто таков спој на особини немаше да најдам ни да барав сто години. Имам најдобра другарка каква човек би можел само да посака.
И тврдам дека никогаш нема да се распадне она што го имаме. Немам објаснување, ниту верувам дека некогаш ќе имам. Едноставно, знам. А и не сум приврзаник на девизи од типот на "никогаш не вели никогаш".
Не велам дека секој ден ни поминува во смеење или дека не се караме. Не е така. Само, сме нашле начин на кој функционираме веќе долго време, и сигурна сум дека тоа е тоа. Нашето другарство е далеку од перфектно. Ама е многу, многу длабоко, што прави да исчезнат сите неправилности, па и покрај тоа што се присутни, можам да го наречам совршено.
Компромисот и толеранцијата се движечката сила на убавите нешта во животов, меѓу нив и другарството. Непишано правило, ама се` што вистински вреди, има тон недостатоци, најчесто непоправливи. И секој божји ден истите ќе ти се качуваат на глава, и ќе ти одат на нерви. Ама вреди да научиш како да поминуваш преку нив, одново и одново. Неблагодарно е човек да се двоуми пред да рече дека другарството или љубовта се вистински, уште помалку да се прашува дали постојат.