Две влади за една недела, четири за 11 месеци. Сезоната ја отвори Португалија, по што следеше Ирска, а волшебниот круг го затворија Грција и Италија. Барем засега. За разлика од Арапската пролет, европската есен ги постигна промените без крвопролевање. А главната битка се сведе на спас на заедничката валута.
Во старите времиња владетелите ги ковале парите, а денес парите ги коваат владетелите. Еврото, од проект кој требаше да биде почеток на една, прво економски, а потоа и политички посилна Европа, се претвори во нешто сосема спротивно – во цел за која
по диктат си заминуваат влади и премиери. Тоа стана репер, не за економска благосостојба, тука за стегање на ременот. Со тоа единствениот заеднички јазик на европската политика стана јазикот на парите.
Со слепото држење до тезата за спас на еврото, Меркел и Саркози како да си извршија политичко самоубиство. Јавното мислење во Франција и Германија е се помалку на нивна страна. Прв на овој тест ќе биде Саркози на изборите на почетокот на следната година, Меркел една година подоцна.
За економистите,
Европа со еврото во моментов е џин на стаклени нозе, и за многумина единствениот спас за европската политика е да се ослободи од него. Не дека европските лидери не ја разгледувале и оваа опција.
Британски „Гардијан“ неодамна објави дека токму Германија и Франција иницирале разговори за распад на еврозоната, со што во неа би останале само најстабилните кои би продолжиле со заедничка даночна и фискална политика. А што е најважно и најпоразително - тезата не е нова. Нобеловецот Милтон Фридман, еден од најголемите економски експерти, уште пред 12 години кога беше промовирано еврото предвиде:
„порано или подоцна кога глобалната економија ќе наиде на сериозна препрека, внатрешните разлики ќе ја поделат Европа„. Дали навистина дојде време за тоа?
Соња Трајковска