Непристоен предлог на Нимиц
Има ли политичар, водач со достоинство кој јавно би го искинал непристојниот предлог на Нимиц па така во мали ливчиња да го стави во едно од безбројните пластични шишиња во Вардар и да го пушти кон нашиот јужен сосед Грција
Пишува: Владо Јовановски
Се сеќавам на почетокот на деведесетите во еден поранешен медиум во оваа поранешна ЈРМ на еден мој поранешен директор му ја објаснував генезата на оваа поговорка. Додека децата викале: „Селото гори“! Бабата се чешлала. А се чешлала затоа што била глува и не можела да ги чуе. Имено кога се пораѓала бабата не и ја извадиле плодовата вода од ушите и така останала глува. Тогаш засегнат од состојбите во мојата матична куќа предложив: Да ги собереме камењата, да ги исчистиме од пепелта, да ја извадаме куќата, да ставиме бајрак на врвот, да се качиме сите и да викнеме: ЕЕЕХЕЕЕЈ! УСТАЛААА! Кој даде – даде арно, кој не даде - па арно, ама ммммммм....
Од тогаш помина многу време. Ја испуштивме шансата да изѕидаме куќа, да ја поставиме на здрави темели. Сега сме доведени до ѕид со непристоен предлог: ИМЕ или НАТО. Народното тука има свое толкувањe. Бирајте: Змија да ве пецне или магаре да ве ...? Би било смешно доколку не би било толку тажно.
Има ли политичар, водач со достоинство кој јавно би го искинал непристојниот предлог од
Нимиц па така во мали ливчиња да го стави во едно од безбројните пластични шишиња во Вардар и да го пушти кон нашиот јужен сосед.
“Нова Македонија” Пази богати! Барем некој од наша страна да умее да иронизира на апсурдот. Кога веќе не може компромисот да биде Света Македонија или Библиска Македонија, предлагам едно сложено име. Македонија во библијата е спомната ни помалку ни повеќе 33 (триесет и три) пати. Колку што живееше
Христос пред да го распнат и пред да воскресне за спасение на сите и на Грците и на Македонците. Или, годините на
Александар пред да замине во вечноста 33, итн.
Значи предлогот за сложено име би бил 33 пати: Haj, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нај, Нова Македонија, но со инсистирање секогаш да се изговара само целосното име на државата, никако скратено.
Ако се избориме за овој компромис, можеби освен влезот во НАТО, СВАТО, ЕУ и кои какви неоколонијалистички империи ќе добиеме и во време. Пример: Додека
Солана или
Бакојани го изговараат нашето сложено име, може да каснеме нешто блашко или да пивнеме боза. Да не речам да размислиме и за некои посериозни теми како: економија, наталитет, екологија, меѓународно право, миграција, емиграција, енергија итн...
П.С. Господ Бог го создаде човекот со 33 (триесет и три) пршлени на р’бетот. Браќа и сестри Македонци; Ако сега ја свиткаме кичмата, ќе ни ја скршат.