Муслиман кој преминал во христијанство осуден на смрт
Иранецот Јусуф Надархани, кој пред повеќе години преминал во христијанска вера, во неговата земја е осуден на смрт, пренесоа француските медиуми.
Пасторот Надархани ја примил христијанската вера кога имал 19 години, а сега е на возраст од околу 35 години и проповеда во малата евангелистичка заедница, наречена Црквата на Иран.
Надархани беше уапсен во 2009 година и осуден на смрт. Пресудата можеше да му биде заменета доколку тој ја признаеше својата грешка и се откажеше од христијанството. Надархани одби да се повлече од христијанската вера.
Против оваа смртна кзана досега протестираа првиот дипломат на ЕУ Кетрин Ештон, Стејт департментот на САД и полското претседателство на ЕУ. Германија на иранскиот вршител на должноста во амбасадата во Берлин му врачи протестна нота против смртната казна за пасторот.
Адвокатот на Надархани изрази надеж дека Апелацискиот суд ќе ја укине смртната казна.
-Се очекува во текот на викендот судот да се изјасни за ова прашање, изјави адвокатот. Според него, пасторот има 95 процентни шанси да биде ослободен.