Освестете се малку. Почнете да размислувате за вашата свест, целта на вашето постоење, вашата улога на планетата земја, вашите желби и амбиции, што сакате да постигнете и каде сакате да стигнете.
Сите вие, без разлика на вашето потекло, националност, јазик сте граѓани на планетата земја. Запомнете го тоа и ако треба повторете го 200 пати за да ви влезе во глава. Некои од нас имаат среќа да се родат во развиени делови на планетата, некои имаат помалку среќа и се родени на територии како балканот. Трети имаат уште помалку среќа и се родени на територија со скоро никакви услови за живот. Но тоа не ве прави помалку граѓани на планетата земја и вие имате право да живеете во кој крај сакате.
Државјанство, пасош, и слични други ствари се само прости документи, парчиња хартија, кои ја ограничуваат вашата слобода. Слободата која ви следува штом ќе го вдишите првиот воздух на оваа планета. За среќа има напорни процедури кои ни овозможуваат да отпатуваме и да се сместиме на парчето земја каде сакаме да го поминеме остатокот од животот. Дали биле легални или нелегални не е толку важно, можат само да ве вратат од каде сте дошле и пак да тргнете на ново патување. Мили мои, најголемиот проблем или грешка, а можам да го наречам и најтажен, е кога сами ќе си ја одземете слободата која планетава земја ви ја даде првиот момент кога ги отворивте очите и ги здогледавте нејзините убавини. Кога сами ќе речете јас сум по националност тоа и тоа, припаѓам само овде, не газам преку мојата татковина и сл. А сонувате да имате колиба на песочна плажа и да пиете млеко од свеж кокос.
За да ја исполните вашата животна желба, и да живеете во кој крај од планетава сакате, мора некогаш да поминете различни процедури и да извадите триста различни документации за да стигнете дотаму, но сепак се стигнува. Тажно е што од страна сите кукавици кои немаат храброст за ваков чекор на ова гледаат предавнички, навредливо, патриотски, националистички... Ќе направат се за да ве запрат, да ве премислат, да ви го исперат мозокот дека тоа што го правите е предавнички, непатриотски или разни други глупи ствари што би требало да направат да имате грижа на совест. Се плашат дека ќе останат сами, во своите лично создадени зандани.
Вашата татковина за се што ви дала досега, дебело ви наплатила! Дали било тоа во данок, во работна сила, директно или индиректно преку вашите предци, бидете сигурни дека се што ви е овозможено е дебело наплатено. А спротивно од тоа, многу работи ви наплатува а сепак ви ги скратува.
Вие сте слободни луѓе, граѓани на планетата земја! Не си ги трујте вашите мисли со патриотизам и национализам. Ако стигнете до вашата омилена дестинација која ќе ве направи среќни за цел живот, сигурен сум дека гордо ќе тврдите дека тоа е вашата вистинска татковина. Но нема потреба ни од тоа, вашата татковина е планетата земја.
Каде и да отидете вие сте дома!