Америка почнува со планот во Босна
Америка почнува со својот план да и' помогне на Босна и Херцеговина низ уставните реформи. Ова е заклучокот на претставниците на хрватските и босанските политички партии пред пристигнување на Стјуарт Џонс, заменик-помошник на државниот секретар на САД.
Целта на оваа посета е поддршка на политичките напори за понатамошниот напредок на БиХ во евроатланските интеграции, решавање на прашањата за државниот и воениот имот и транзиција на Уредот на високиот претставник (ОХР). Постои можност да се разговара и за уставните реформи, како еден од условите, ако БиХ сака да биде полноправна членка на НАТО и на ЕУ.
Претседателот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Божо Љубиќ, смета дека ова е продолжение на планот на САД за посилен ангажман во Босна, кое посебно треба да го радува хрватскиот народ, кој во најголема мера е незадоволен од дејтонската поделба на земјата.
- Заклучокот од разговорите укажува на потребата од уставни реформи, а вчерашната посета е почеток на операционализацијата на овие политички ставови - појасни Љубиќ, кој мисли дека сега е повеќе од извесно да се договори меѓународна конференција во БиХ, која воопшто не мора да биде со дејтонски размери.
Тоа е многу важно за Хрватите, на кои дејтонската поделба им ги одзеде речиси сите човекови права. Големи очекувања од посетата на Џонсон имаат и другите партии во Федерацијата, кои на неа гледаат продолжеток на соработката на администрацијата на САД во БиХ.
Џонс, во текот на посетата, ќе се состане со лидерите на БиХ, на Република Српска, со лидерите на политичките партии и специјалниот претставник на ЕУ како и со високиот претставник.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=0F8D3422D07E754580574DA9D6F30669