Може ли да го постира неко Законот за комисион..никаде не можам да го најдам..
Не постои посебен закон за комисион!
Договорот за комисион е регулиран во Законот за облигационите односи:
Глава XXII
КОМИСИОН
Оддел 1
Поим
Член 827
(1) Со договорот за комисион се обврзува комисионерот за надомест (провизија) да изврши од свое име и за сметка на комитентот една или повеќе работи што му ги доверува комитентот.
(2) Комисионерот има право на надомест и кога овој не е договорен.
Примена на правилата за договорот за налог
Член 828
Врз договорот за комисион сообразно се применуваат правилата за налогот, доколку со правилата за комисионот поинаку не е определено.
Склучување работа под услови различни од налогот
Член 829
(1) Ако комисионерот склучил некоја работа под неповолни услови од оние определени со налогот кога тоа не го смеел, должен е да му ја надомести на комитентот разликата, како и причинетата штета.
(2) Во случај од став (1) на овој член, комитентот може да одбие да ја прифати склучената работа под услов за тоа веднаш да го извести комисионерот.
(3) Комитентот го губи тоа право ако комисионерот покаже готовност веднаш да му ја исплати разликата и да му ја надомести причинетата штета.
(4) Ако работата е склучена под поповолни услови од оние определени со налогот, сета така постигната корист му припаѓа на комитентот.
Продажба на стоки на презадолжено лице
Член 830
Комисионерот му одговара на комитентот за штетата ако му продал стоки на лице за чија презадолженост знаел или можел да знае.
Кога самиот комисионер купува стоки од комитентот или му продава свои стоки
Член 831
(1) Комисионерот кому му е доверено да продаде или да купи некои стоки котирани на берзата или на пазарот може, ако му го дозволил комитентот, да ги задржи стоките за себе како купувач, односно да ги испорача како продавач, по цената во време на извршувањето на доверената работа.
(2) Во тој случај меѓу комисионерот и комитентот настапуваат односи од договорот за продажба.
(3) Ако берзанската, односно пазарната цена и цената што ја определил комитентот не се согласуваат, комисионерот продавач има право на помалата од овие две цени, а комисионерот купувач е должен да ја плати поголемата.
Оддел 2
ОБВРСКИ НА КОМИСИОНЕРОТ
Чување и осигурување
Член 832
(1) Комисионерот е должен да ги чува доверените стоки со внимание на добар стопанственик.
(2) Тој одговара и за случајното пропаѓање или оштетување на стоките ако не ги осигурил, а според налогот бил должен тоа да го стори.
Известување за состојбата на примени стоки
Член 833
(1) При преземањето од превозникот на стоките што му ги испратил комитентот, комисионерот е должен да ја утврди нивната состојба и да го извести без одлагање комитентот за денот на пристигнувањето на стоките, како и за видливите оштетувања или кусокот, инаку ќе одговара за штетата што поради тоа пропуштање би настанала за комитентот.
(2) Тој е должен да ги преземе сите потребни мерки заради зачувување на правата на комитентот спрема одговорното лице.
Известување за промените на стоки
Член 834
Комисионерот е должен да го извести комитентот за сите промени на стоките поради кои тие би можеле да загубат од својата вредност, а ако нема време за чекање на неговите упатства или ако тој одолжува со давањето упатства, во случај на опасност од позначително оштетување на стоките, комисионерот е должен да ги продаде на најпогоден начин.
Соопштување на комитентот името на содоговарачот
Член 835
(1) Комисионерот е должен да му соопшти на комитентот со кое лице ја извршил работата што му ја доверил комитентот.
(2) Ова правило не важи во случај на продажба на подвижни предмети која се врши преку комисионите продавници, освен ако поинаку не е договорено.
Полагање сметка
Член 836
(1) Комисионерот е должен да положи сметка за извршената работа без непотребно одлагање.
(2) Тој е должен да му го предаде на комитентот сето што го примил врз основа на работата извршена за негова сметка.
(3) Комисионерот е должен да ги пренесе врз комитентот побарувањата и другите права што ги стекнал спрема третиот со кој ја извршил работата од свое име и за негова сметка.
Делкредере
Член 837
(1) Комисионерот одговара за исполнувањето на обврските на својот содоговарач само ако посебно гарантирал дека тој своите обврски ќе ги исполни (делкредере), во кој случај тој одговара солидарно со него.
(2) Комисионерот кој гарантирал за исполнувањето на обврските на својот содоговорач има право и на посебен надомест (делкредере провизија).
Оддел 3
ОБВРСКИ НА КОМИТЕНТОТ
Надомест (Провизија)
Член 838
(1) Комитентот е должен да му исплати на комисионерот надомест кога ќе биде извршена работата што ја извршил комисионерот, како и ако извршувањето на работата биде спречено од некоја причина за која одговара комитентот.
(2) Во случај на постапно извршување, комисионерот може да бара сразмерен дел од надоместот по секое делумно исполнување.
(3) Ако не дојде до извршување на склучената работа од причини за кои не одговараат ни комисионерот ни комитентот, комисионерот има право на соодветен надомест за својот труд.
(4) Комисионерот што постапил нечесно спрема комитентот нема право на надомест.
Висина на надоместот
Член 839
(1) Ако износот на надоместот не е определен со договор или тарифа на комисионерот му припаѓа надомест според извршената работа и постигнатиот резултат.
(2) Ако во дадениот случај надоместот е несразмерно голем спрема извршената работа и постигнатиот резултат, судот може на барање од комитентот да го намали на справедлив износ.
Надомест на трошоците
Член 840
(1) Комитентот е должен да му ги надомести на комисионерот трошоците што биле потребни за извршување на налогот, со камата од денот кога се направени.
(2) Комитентот е должен да му даде на комисионерот посебен надомест за употребата на неговите складови и транспортни средства, ако тој не е опфатен со надоместот за извршување на работата.
Авансирање пари на комисионерот
Член 841
Ако со договорот за комисион не е определено нешто друго, комитентот не е должен да му авансира на комисионерот потребни средства за извршување на доверената работа.
Оддел 4
ЗАЛОЖНО ПРАВО
Член 842
(1) Комисионерот има право на залог над предметите што се предмет на договорот за комисион додека тие предмети се наоѓаат кај него, или кај некој кој ги држи за него или додека тој има во рацете исправа со помош на која може да располага со нив.
(2) Од вредноста на тие предмети комисионерот може да ги наплати пред другите доверители на комитентот своите побарувања врз основа на сите комисиони работи со комитентот, како и врз основа на заемите и авансите дадени на комитентот, без оглед на тоа дали настанале во врска со тие предмети или со некои други.
(3) Право на првенствена наплата има комисионерот од побарувањата што извршувајќи го налогот, ги стекнал за сметка на комитентот.
Оддел 5
ОДНОСИ СО ТРЕТИ ЛИЦА
Права на комитентот на побарувања од работа со трет
Член 843
(1) Комитентот може да бара исполнување на побарувањата од работата што комисионерот ја склучил со трет за негова сметка дури откако комисионерот ќе му ги отстапи.
(2) Во поглед на односите на комитентот со комисионерот и со неговите доверители, овие побарувања од своето настанување се сметаат како побарување на комитентот.
Ограничување на правата на доверителите на комисионер
Член 844
Доверителите на комисионерот не можат заради наплата на своите побарувања, ни во случај на негов стечај, да преземат мерки на извршување врз правата и предметите што комисионерот, извршувајќи го налогот, ги стекнал од свое име, но за сметка на комитентот, освен ако се работи за побарувања настанати во врска со стекнувањето на тие права и предмети.
Стечај на комисионер
Член 845
(1) Во случај на стечај на комисионер, комитентот може да бара одлачување од стечајната маса на предметите што му ги предал на комисионерот заради продажба за негова сметка, како и на предметите што комисионерот ги набавил за негова сметка.
(2) Во истиот случај комитентот може да бара од третиот кому комисионерот му ги предал предметите, да му ја исплати нивната цена, односно нејзиниот уште неисплатен дел.