Долината Нанеди на Марс
Долината Нанеди е долга околу 800 km и се протега во насока југозапад-североисток. Во делот кој е сликан на оваа фотографија се гледаат корита со ширина од 0,8 па до 5 километри, и со максимална длабочина до 500 метри. Особено интересно за оваа долина е тоа што нејзините корита многу потсетуваат на речните корита на Земјата, и тоа не само по својот облик и форма, туку и по начинот на кој се влеваат едно во друго и формираат мрежа.
Научниците сè уште дебатираат за потеклото на овие формации. Некои претпоставуваат дека коритата се формирале како резултат на ерозија на почвата, предизвикана од постојан проток на течна вода по површината на планетата. Ова, всушност, е начинот на кој се формирале речните корита на Земјата. Друга можност е тие да се создале со проток на течност под ледена обвивка, или пропаѓање на тлото како последица на силен, но непостојан проток на течна вода.
Проучувајќи го овој регион на Марс, научниците се надеваат дека ќе добијат повеќе информации за климатската еволуција на оваа планета. HRSC камерата на Марс Експрес не само што овозможува увид во морфологијата на Марс, туку преку анализа на рефлектираната светлина на различни бранови должини може да се идентификуваат различни геолошки карактеристики на тлото во еден даден регион.
Фотографијата е направена на 3 октомври 2004 година, за време на 905-тата орбита на леталото. Нејзината резолуција е околу 18 метри на пиксел. Фотографијата е ротирана за 90°, па така север е на десно.