Темава до скоро само ја читав. Неколку пати се обидов да пишувам некои постови у време кога и јас имав проблеми од сличен тип. Барав и низ подфорумов, малку ме зачуди што нема некои постови во врска со стоицизмот како филозофско гледиште, па предлагам модераторот или да состави некаков вовед или да го искористи овој мој пост, па може да дискутираме одвоено на таа тема. Многу слично, често и се преплетуваат анксиозноста и депресијата, за која има посебна тема, ама се одлучив овде да пишувам.
Не сакам да звучам дека сум некој лајфкоуч, советник, инфлуенсер, експерт...ништо од тоа не сум. Ниту пак живеам цело време окезен во некој 24часовен оргазам и се кљафтам на сите страни......и мене ме фаќаат анксиозни напади. Посебно сум приметил дека во периодот од годината есен-зима, кога се смалува траењето на денот, надвор станува поладно и поголем дел од денот го поминувам внатре, наоѓам повеќе време за такво анксиозно размислување, а помалку за физички активности, движење надвор исл. Тие што ме знаат од другите теми, знаат дека сум голем љубител на спорт на отворено и престој во природа, кампирање, планинарење.
Прво, гледам дека многу од вас воопшто терминот анксиозност го мешаат со некои други појави. Анксиозност во суштина е појава на нерационални стравови, конструкции, кои мозокот сам ги создава и често се однесуваат на настани кои и воопшто не се случиле. Не сте ни први, ни последни на планетава што сте се судриле со тој проблем. Човечкиот мозок по тоа и се разликува од тој на животните и тоа му помогнало да се развие во тоа што е сега. Но, многу често самите сме затвореници на сопствените размислувања и тоа е пекол од кој тешко се бега.
Треба прво да си напраите објективна анализа на работите што ги правите, ставовите што ги имате кон животот, навиките што ги имате, секојдневните рутини и после да напраите некои „подесувања“ кои ќе ви олеснат. Посебно напоменувам дека ригиден однос и држење на константа дека самите сте центар на Универзумот, дека се' што сте наумиле МОРА да се случи или дека сте имале генијални планови кои чудно, ама не ви се реализираат, се во некоја ваша грешка или пак уште полошо, да се самоказнувате со претерана самокритика - Е МНОГУ ПОГРЕШНО и воопшто нема да ви помогне во надминување на проблемот.
Мое гледање е дека суштинската грешка е во религиозните учења од овој дел на светот, кои потсвесно ни имаат вметнато големи очекувања. Истите се злоупотребени и подбуцнати од конзумеризмот и модерниот начин на живот, кој еве, во вакви моменти се покажа дека е куп гомна и дека не значи ништо. Воведувањето на некој непостоечки фактор - семоќен бог, кој "има план за нас" кој се вика судбина е нешто што потекнува од средновековието. Дури и во раната фаза, христијанството немало таков казнувачки однос, а ваквиот суров однос го развива во време кога кај масите се јавува силна скепса кон целиот верски систем и тоа што тој го проповеда.
Нормално, интелигентен човек, човек што се информира многу и што интензивно движи во кругови од активни луѓе, добива огромна количина информации и истиот мисли дека што повеќе знае, толку повеќе може да шпекулира, манипулира и плива, дали од финансиска аспект, често да менува интимни партнери, да напредува во работа, политика......исто така, добар дел од информациите до кои доаѓа се невистинити, лажни, неточно пренесени и логично е дека кога некоја акција во животот ќе ти се базира на таква вест, дека фијаското е неизбежно. Плус, многу често, факторот - виша сила, знае комплетно да им даде поинаков тек на настаните. Но, многу слично, ова не се модерни проблеми тие постоеле и порано. Стравовите дали тоа што ќе го посееш нема да ти го уништи некое невреме или нема да дојде некој да те ограби, да те убие....
Ова што сакам да ви го посочам како некакво решение е нешто за што сте слушнале порано, ама не сте го разработиле или не сте навлегле подлабоко. Ништо нема да ви пречи во овие „слободни денови“ да најдете време да прочитате нешто на тема цинизам, а посебно стоицизам, а тоа ќе ве пушти во истражување и на други работи. Цинизмот, како филозофија, во голема мерка според мене, е неодржлив и тешко применлив во пракса.....и е друга тема.
Ќе нафрлам само некои мисли и ликови што мислам дека се важни и мислам дека ќе ве подбуцнам да размислувате повеќе во тој дух. Најважните претставници доаѓаат од целосно различни сталежи на општеството, што дава посебна тежина од аспект дека не е настанато како христијанството и не ветува никакви спасиенија, благодети, месии.
Најстарите стоици се од времето на античка Грција, Зенон, меѓутоа мислам дека од тоа време нема пишани документи. Најбитните имиња се Сенека, римски сенатор, Епиктет, грк од Мала Азија, кој бил роб и Марко Аурелиј бил тотален владетел на Рим, во времето кога тој ја водел била империја на 3 континенти и еден од 4те највлијателни и најмоќни римски императори во целокупното постоење на Рим. Посебно обрнете внимание на Аурелиј. Познат и како „филозоф“, бил римски император во многу тешки времиња и успеал да ја задржи империјата во своите граници. За него има многу интересни факти. Меѓу другото, издадена е книга која се вика „Медитации“ и истата е всушност негов дневник, за кој се дознал многу после неговата смрт. Бил многу искрен во истата, како кога си пишувате сами кон себе. Фантастично е кога ќе прочитате дека некој со таква концентрирана моќ, која му ја имал дадено сенатот, која значела дека со еден збор може да погуби од обичен дезертер, па до непослушен генерал, секое утро се припремал да се справи со нивните тешки карактери и како позитивните страни во тие ликови да ги искористи во своја полза. Сетете се на ова кога ќе ви текне на некој роднина, колега, пријател што ви го загрозува секојдневието и како вие се справувате со тоа.
Површни луѓе и фушери, стоицизмот го опишуваат како „simply not giving a fuck", ама немаат формула да кажат како така одеднаш ќе ве боли стапот за се' околу - а, многу често нема шанси да заборавите на тоа како некој ве навредил, како зборел за вас, како ве опцул или ви напраил нешто позади грб. Тоа што е многу важно, стоицизмот е еден посебен етички систем, кој воопшто не е тешко да се спроведува во секојдневното живеење. Бара доследност, благородност и многу други хумани принципи кои влијаат на јакнењето на карактерот, а со тоа и поедноставно справување со дневните кризи, тековните проблеми и големите проблеми како што е сега со ситуацијава настаната со вирусов. Стоицизмот има многу врска со источните учења и го нарекуваат и западен зен.
Ако ве мрзи да читате, барајте видеа на youtube, има неколку канали кои објавуваат редовно видеа на овие теми. Истите мислам дека ќе ви го насочат интересот и уште повеќе да истражувате, а и ќе ве потсетат некогаш како треба да гледате на некои работи.
Суштинскиот проблем со абрахамските религии е неприродноста и нерационалноста која индуцира апатија, чекање милостина од некого, конформизам, живот у бескрајно чекање и омраза кон неистомисленици. Додека го пишувам текстов, читам некој пост во кој „некој што го нашол бога“ ги обвинува другите....звучи мизерно, без желба да се помогне, себично....стоицизмот е се' само не тоа. Не е идејата да си мислите сами во себе „јеби га, не можам ништо да напраам, па нека тера вака“.
Ќе го затворам постов со парафраза на Епиктет, кој вика дека не страдаме од настаните, туку од нашите мислења за нив.