Се вратив пред 2 дена од Ксамил, бев прв пат, со никакви посебни очекувања, ниту позитивни, ниту негативни, онака whatever и морам да признаам, ептен позитивно се изненадив.
Патот преку Грција беше топ, не го ни осетив. Во Ксамил ептен ефтино поминав, храната и поготово пијачките по рестораните се ефтини и вкусни, има пицерии, палачинкари, морска храна, маркети, менувачници на секој чекор. Има добри 10-ина плажички за посетување, малце се кнап со луѓе, ама не е страшно. Водата е топ, чиста, повеќето места се со бел (фејк ми се чини) песок и поради тоа има тиркизни заливи. Има кафулиња и трафики на и околу плажите.
Единствено што не ми се допадна се лежалките и улиците. Лежалките каде се прескапи (ретко 700-800 леќи, најчесто 1000), па уште и прљави, исфлекани, некои подискинати. Улиците се катастрофа, нема еден сообраќаен знак, шибаат со коли. Се' друго, топ. Малку подетално:
Цените за лежалките, маркетите и рестораните константно се менуваат. Најниски се во јуни, највисоки во август. Цените во маркетите се за некои 20-30 % повисоки од Македонија, со исклучок на одредени производи кои се исти, а ретко да најдеш нешто поефтино. Во секој случај, не вреди да носиш храна од Мкд.
Цените во рестораните се доста ефтини. Морската храна им се движи од 500 до 1500+ леќи, зависи што би јадел. Пиците им се горе-доле од 400 до 900 леќи. Гиро 200, отворено (огромно) 400. Хамбургер 200, тост 150. Паланчики 200-400, вафи 400-600. Сладолед топче 100. Нивни пива, кафиња и сокови во ресторан околу 150, максимум 200.
Би ги препорачала Hello Creperie за палачинки и вафли, ептен се вкусни и не се скапи. FastFood KOKO за гиро, поготово отвореното. Momento Pizza за пица, ептен добра е таа со ракчиња. Bar Restorant Palma за морска (језда според муабетот со други луѓе, никаде нема да згрешиш, сите ги фалат), 500 леќи голема локална риба, 700 октопод, 900 големи ракчиња, 750 мешавина од мали ракчиња, лигњи и мали октоподчиња, пола литро локално винце 300. Сите порции им се за двајца.
Од плажи, најмногу идев на Bella Vista од 2 причини: прво, вилата ми беше веднаш над плажата, второ, плажата е баш океј.
Tиркизно заливче е Бела виста, лево од ридчево е Лори, а следна е некоја приватна со камења. На ридчето што е лево до мостчето има free zone за поставување свои лежалки, пешкири и чадори што баш топ ми дојде со оглед на грдите лежалки.
Зајдисонцињата ми беа омилени.
Од Бела Виста пешачејќи по плажата ќе стигнете до едно кафуле Africana, веднаш до нивните лежалки има free zone за поставување свои работи, но искрено не ја препорачувам, плажата е со камења и грда црвена земја, водата е со камења како да си во Пештани. Но, веднаш после ова кафуле, следни уште една мала преубава тиркизна плажа со сите бел песок.
Понатаму ако продолжиш со пешачење ќе стигнеш до Бора Бора, која не ја препорачувам иако им е најпопуларна. Всушност затоа и не ја препорачувам. Тиркизното заливче како и секаде е премногу мало за гужвата која се создава. Плажата е ектремно пренатрупана. И тука има free zone, но пре пренатрупана е и во вода и надвор од вода.
Се што треба да направите е да продолжите на слредната плажа, според мене најубавата. Мислам дека се вика Saranda, веднаш над плажата се наоѓа ресторанот Tre Ishujt.
Плажата во споредба со другите е поширока и подолга, има и доста голема free zone (десно на фотографијата). Водата е најчиста, најпроѕирна, тиркизна со мек песок. Има неколку мостчиња, па може да се препливува, лево и десно од фотографијата има уште многу плажа. Може да се преплива до поголемото островче, ако сте љубители на карпести предели, посетете го.
А може и да се изнајмат педалнки (како и секаде), цените им се околу 700-1000 (зависи каде) леќи од саат. Помеѓу плажата и островчето има огромни "душеци" за скокање во вода, мислам дека беше евро за да го користиш. Има повеќе ресторани, над плажата има и продавнички. Од Бела Виста по пат оддалечена е 850 метри (според google maps), буквално се стига за 10 минути пеш.
Десно од плажава има уште повеќе ресторани и хотели и навечер препорачувам тука да си шетнете. Си рокаат нешто нивно, нешто популарно латино рнб, тоа им се нивните "дискотеки". Убаво е за шетање, во најмала рака.
Искрено, местово не е Бали, ама многу убаво се изненадив. Не очекував дека толку ќе ми се допадне. Башка не е скапо. Вреди да се посети за промена.