Самото име на моделот не најавува нешто спектакуларно, но новата A Class е вистински „кршач“ на вратови на патиштата...
Не само што има поспортски дизајн, туку новата А класа има целосно различен пристап кон она што Mercedes го промовира како модел од компактната класа. Нема веќе сендвич концепт во предниот дел, нема моноволуменска функционалност и простор... Не, новиот компакт на Mercedes зрачи со „сексуална“ привлечност, благодарение на спортските купе линии и внимателно дизајнираните детали, нуди сосема различна внатрешност со ниско седење и мали стакла... Како во кокпит!
Со почетна цена од 22.950 евра за основниот модел со бензинецот 1,6 со 122 КС, A Class е директно конкурентен со BMW 1 Series и Audi A3, но уште во старт е значително поскап од конкурентите во сегментот на „непремиум“ компактни возила. Во понуда се и други изведби, со мотори со сила од 80 кW (109 КС) до 155 кW (211 КС), високо ефикасни со емисии од само 98 грама CО2/км и со најдобар аеродинамичен отпор од 0.27 во класата.
Истовремено, од Mercedes-Benz се потенцира дека безбедноста не е прашање на цена – стандардната спецификација, меѓу другото, вклучува систем за ПРЕВЕНТИВНА ПОМОШ ОД СУДАРИ базиран на радар. Со клима уред, Аудио 5 USB, електрични прозори, Помош за долги светла и мултифункционален волан со 12 копчиња, класата-А е со полна опрема дури и во својата основна конфигурација. Со изборните линиите „Урбан“, „Стил“ и „АМГ Спорт“, три дизајн пакети („Ноќен“, „Ексклузивен“ и „АМГ Ексклузивен“), како и дополнителните изборни додатоци, моделот може да се прилагоди за да одговара на секој поединечен вкус.
На промоцијата присуствуваше и Славчо Таневски, млад наш дизајнер кој работи во Mercedes и кој има „вмешано“ раце во дизајнот на новата А Class, односно на една од решетките кај отворот за моторот, која е целосно негово дело (сликата горе), а се добива со доплата. Истата е еден вид поспортски дизајн на „обичната“ маска.