Верувам, сеуште, дека на светот постојат компатибилни луѓе. Луѓе кои со самото свое постоење уживаат еден во друг со тоа што се еден крај друг. Оние кои не ги познаваме, или бегаме од нив нема да ги сакаме, таму љубов нема да постои затоа и со некоја случајна девојка од Тајланд не можам да создадам љубовна слика, бидејќи не ја познавам а сигурно постои.
Склоп на одредени ситници, појави, дела, мисли, зборови, гримаси, потези, погледи, бакнежи, допири, глупости и лудости, маани... идеален собир на триста чуда кои таа личност ги поседува и ми ги прикажува, буди кај нас поинаков поглед на светот, низ нејзините очи.
Љубов би рекол е... моја проекција во неа. Сето она кое јас не можам да бидам е таа, и сето она кое таа би сакала да е, го гледа во мене. Взаемен поглед на светот, надополнување еден на друг со чија помош стануваме едно и полесно се справуваме со светот.
Љубов е симбиоза на две тела, чиј дух, енергија и емоција се претвора во едно. Се` додека таа новоформирана единка не биде нападната од некаков вирус, нема и да се одвои повторно на две различни клетки. А во денешно време, во 21. век, сешто може да го распори организмот, дроги има колку сакате, и за сето тоа време никој нема ни да примети што има, што губи и што добива, токму заради таа фиктивна единица која не може да се одреди со величина и бројка, а се вика љубов. Кога би се порамниле чувствата, нивната сила и моќ, решителноста и цврстината на карактерот со математика, се` би било полесно...