Вчера се возев со некој од приватните и забележав. Иако секогаш плаќам откако ќе влезам, мене ништо не ми значи ова, ама забележав дека имало а сега нема апаратче.
ИМАШ БИЛЕТ, ПЛАТИ КАРТА
ИАКО ИМАТЕ БИЛЕТ ЗА ВОЗЕЊЕ ВО ПРИВАТЕН АВТОБУС, ТЕШКО ДЕКА ЌЕ ГО ИСКОРИСТИТЕ, ЗАШТО АПАРАТИТЕ НЕ РАБОТАТ.
09:00 | 11.11.2010 | Автор:
Шпиц
Во дел од приватните автобуси не функционираат електронските апарати за поништување билети, а во други воопшто нема такви апарати. И покрај тоа што имаат купено билет за повеќе возења граѓаните кога ќе влезат во автобус не можат да го искористат и мора одново да платат за возењето. Купениот билет ќе си го чуваат за кога ќе проработат апаратите.
Од компаниите „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ признаваат дека во некои автобуси нема електронски апарати, но оти наскоро оваа услуга ќе биде достапна во сите автобуси.
- Дефектите на електронските апарати се многу ретки, и кога и да се случи некој дефект се поправа истиот ден - велат оттаму.
Скопјанецот Иван Петревски, кој секојдневно се вози со приватна „19“, е револтиран од услугите на превозниците.
- Разочаран сум од приватните превозници до бескрај. Уште пред година-две си купив електронски картички и од „Макекспрес“ и од „Слобода превоз“, ама парите што ги уплатив на нив не можам да ги искористам. Дури 80 отсто од автобусите немаат наплатувачи, а од тие што имаат, кај 80 отсто не се вклучени. На возачите им е помил кешот, па затоа не ги вклучуваат. А мене парите ми стојат на картичките неискористени. Лут сум и оти чув дека од Нова година ќе се воведува единствена електронска картичка и за приватните превозници и за ЈСП. Јас за да ги купам сегашните картички дадов 220 денари. Сега ќе треба да купувам и нова. Аман веќе - раскажува триесетгодишниот скопјанец.
Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски додава дека во автобусите во кои има апарати, тие се исправни и ако се расипат, во рок од 40 минути се поправаат. Возачот е должен да го пријави дефектот.
- До сега не е пријавено дека некој од апаратите не функционирал. Може да се случи да нема систем за наплата во некој автобус, но сите што ги има се во добра состојба. Ако навистина се случило на човек кој имал картичка, а немало каде да ја поништи да му биде наплатена друга карта во автобус, тогаш тоа најверојатно го сторил возачот на своја рака - вели Јовановски.
Милорад Димитриовски, еден од сопствениците на „Макекспрес“, вели дека проблем има затоа што во дел од автобусите не е сменета електричната инсталација.
- Се трудиме да ја смениме во сите 20 автобуси, но се уште не сме успеале. Се надеваме дека за петнаесетина дена во сите автобуси ќе биде променета електричната инсталација и граѓаните ќе можат без проблем да ги користат нашите услуги - вели Димитриовски.
Тој додава дека ако се случи апаратите да не работат, дефектот веднаш се регистрира во мрежата. Според него, досега два пати бил пријавен дефект кој бил поправен истиот ден.