Солиден филм што ми го задржа вниманието до крај, ама некако ми фалеше нешто во него, поголема длабочина, ептен плиток ми беше. Може и ја очекував премногу.
Искрено ја не видов ништо визионерско/револуционерно во филмов.
Јас па баш чиста десетка му дадов зашто филмов беше повеќезначен, слоевит и навистина длабок. Со овој дел од твојата рецензија не се согласувам воопшто. Мене толку ме вовлече, што не трепнав ни секунда и некако прекратко ми заврши. Филмов беше имитација на животот за мене (а и животот е краток, нели). Невена беше оставена во пештера, каде што порасна како ембрионите што растат во утробата на мајката. Не можеше да научи ништо за животот, зашто животот околу неа беа само ѕидовите на пештерата и небото горе, ништо друго. Мајката е присутна, тука е, доаѓа, слично како што и мајката во бременоста е тука за ембрионот, го штити во својата утроба онака како што и Камка (не знам како се викаше нејзиниот лик) ја штитеше Невена. Но не можеше да ја научи ништо за светот надвор. Невена беше tabula rasa. Дури откако Марија вештерката дојде и ја изведе надвор од пештерата (утробата), Невена почна да го осознава светот. Научи за сонцето, за облаците, за дождот, за реката, за тревата, за птиците... (и се тоа беше прекрасно претставено со извонредната кинематографија која маѓепсуваше, налик на Tree of Life на Теренс Малик). Подоцна, најпрво стана жена, ги научи емоциите, научи за насмевката, за солзите, за тоа кога смее жената да зборува, а кога не (и повторно со една прекрасна, симпатична претстава во која за оние поими кои и беа апстрактни даваше описи преку нешта кои ги знаеше (пр. солзите ги викаше: окотечие, или така некако, што мене ми беше пресимпатично). Таа осознаваше со една жед за учење каква што имаат малите деца. Буквално беше explorer во новиот свет. Подоцна научи и што сакаат животните, кога стана куче, па мажите, кога го зеде телото на мажот. За најпосле, преку телото на детето да дознае што значи семејството, што значи играта, другарството... И на крај - љубовта! Се се тоа работи кои Марија никогаш не можела да ги научи, зашто нејзиното срце беше полно со омраза, и додека Невена беше жедна за знаење, Марија беше жедна за одмазда. Таму лежи и одговорот на нејзиното прашање: „како тебе ти успеа, а мене не?“ Токму како што и во животот им успева на оние кои сакаат да знаат нешто повеќе, на оние кои цело време учат и осознаваат нови работи. Оние полни со завист и желни за одмазда и кои сакаат да напакостат на другите остануваат сами, отфрлени од сите, огорчени, и така и завршуваат, исто како што заврши и Марија. И крајот беше убаво обмислен: животот е полн со препреки, полн со несреќи кои те обележуваат и те распаруваат онака како што и на крајот Билјана остана без своето чедо кое толку го сакаше и се трудеше да го заштити од Марија (суровиот живот) која цело време и одземаше се што има. Но сепак, изнајде сила да ја убие, и тоа е прекрасна парабола дека и покрај се, доброто на крајот победува.
Не знам, за филмов имам толку многу да зборувам, што ми се губи мислата на сред реченица од што сакам многу работи да кажам наеднаш. Се надевам ќе се развие поголема дискусија и повеќемина ќе го гледаат, за да излезе на површина се она што носам во себе. Јас бев опиен од убавини! Поинаку не можам да го опишам ова! Се надевам и најискрено посакувам Велика Британија или Австралија да го пријават ова ремек дело за нивни кандидат за Оскар за интернационален филм, зашто навистина заслужува и мислам дека вреди цел свет да го види. Знам дека на многумина нема да им легне, зашто не е едноставен филм и е тежок за следење, особено со цел тој внатрешен монолог и отсуство на дијалози и затоа што тука повеќе сликите раскажуваат од гласот (што повторно многу потсетува на Малик), но убеден сум дека ќе има многумина како мене за кои ова ќе биде едно од најубавите слатки задоволства кои ги пробале во животот. За мене е и еден од најубавите филмови од последниве години и жалам и се срамам што Македонија не учествувала во снимањето на ова ремек дело. Мислам дека не е исклучена можноста и на крајот, ако не биде британски, австралијански или евентуално српски претставник, да биде наш, зашто мислам дека на Оскарите се бара во снимањето на филмот да има доволно креативен пристап од државата што ја претставува, а тука не само актерите, фолклорот и јазикот, туку целиот филм е со македонски печат на него, но мислам дека шансите за тоа се екстремно мали. Како и да е, што и да се случи, сакам ова да успее, да собере многу награди и да го видат што повеќе луѓе со тие очи со кои го видов јас.
A masterpiece!