Еден од предизвиците што си ги имам зацртано е да ги изгледам сите филмови кои некогаш биле номинирани за Оскар за најдобар филм. Периодов гледав доста такви, се наоѓаат некои скриени дијаманти меѓу нив (иако има и такви кои се навистина лоши). Денес на репертоар - „The Color Purple“ на Стивен Спилберг, номиниран за најдобар филм за 1985. Се што до сега знаев за филмов е дека Миланка го вика „Бојата на пурпурот“, као да пурпурот е предмет што има некаква боја.

Е па сега дознав многу: црнечка епска сага за 40 години од животот на една несреќна девојка од југот, Сили, одглумена извонредно од Вупи Голдберг за која ова било деби на филмското платно. А растури! После, во филмов глуми и Опра Виндфри, за која исто така ова било филмско деби. Стивен Спилберг не ни сакал да го режира, зашто тврдел дека не знае многу за животот на црнците на југот, и дека филмот требало да го режира црнец, но прифатил откако музичарот Квинси Џонс, кој заработил 2 номинации за Оскар за филмов за најдобра музика и најдобра песна, му рекол: „ти не си ни вонземјанин, па сепак го режираше „E.T. The Extra-Terrestrial“. На моменти беше бавен, на моменти пребрзо делуваа скоковите, еднаш емотивен, друг пат некако како да му фалеа емоции... Ама сепак, одлична филмска сага, ќе го памтам како еден од најдобрите такви. Се мислев за оценка измеѓу 8 и 9, ама дефинитивно ќе одам со 9, зашто прочитав дека иако заработил дури 11 номинации за Оскар, и да се прашувам јас, без размислување би му ги дал повеќе од пола од Оскарите, сепак заминал дома со дури 0 Оскари, со што го има израмнето неславниот рекорд со The Turning Point од 1977. Препорака за сите што го немаат гледано. Ова е Gone With the Wind на осумдесетите!